Ekipa
16 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
ЛОНДОН (АА) - Поранешниот аргентински претседател Карлос Саул Менем беше погребан вчера на муслиманските гробишта во покраината Буенос Аирес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Алберто Фернандез прогласи тридневна жалост во Аргентина.
„Тој ќе биде погребан на муслиманските гробишта покрај мојот брат, иако се придржуваше кон католицизмот. Тој ќе биде покрај мојот брат“, изјави ќерката на Менем, Зулемита.
Менем беше роден на 2 јули 1930 година како син на сириски имигранти и беше одгледан како муслиман пред да премине во римокатолицизмот за да влезе во политиката.
Погребан е покрај неговиот син Карлос Менем Јуниор, кој загина во хеликоптерска несреќа во 1995 година.
Претседателот Фернандез и првата дама Фабиола Јанез му оддадоа почит на Менем.
Фернандез исто така им изрази сочувство и на поранешната сопруга на Менем, Зулема, и на неговата ќерка Зулемита.
Погребната поворка започна вчера попладне по локално време, а под силно обезбедување, групата луѓе се собраа пред муслиманските гробишта „Сан Хусто“ во населбата Ла Матанза.
Погребот се одржа со присуство на семејството и блиските пријатели.
Локалните медиуми јавија дека на погребот биле читани делови од Куранот, а по погребот била изведена песната на Френк Синатра „My Way“.
Менем беше на чело на Аргентина од 1989 до 1999 година, а пред да почине беше на функцијата сенатор на покраината Ла Риоха.