Burak Bir
04 Декември 2023•Ажурирај: 05 Декември 2023
ЛОНДОН (АА) - Она што се случува во Газа едноставно претставува „израелска експанзија на сметка на палестинскиот народ“, изјави Џереми Корбин, поранешен шеф на главната опозициска Лабуристичка партија во Велика Британија, јавува Анадолу.
Говорејќи за Анадолу, Корбин рече дека продолжувањето на израелските напади по завршувањето на серијата хуманитарни паузи е ужасен и гнасен чин.
„Бомбардирањето повторно започна. Примирјето, привремениот прекин на огнот заврши. Убиени се цивили... Ова мора да престане. Затоа сега бараме прекин на огнот“, рече Корбин, кој е пратеник за изборната единица Ислингтон Норт.
На прашањето за целта на нападот на Израел, Корбин посочи на поголем план за целосно протерување на Палестинците од Појасот Газа.
„Мислам дека станува збор за протерување на целото население на Газа, подалеку од Газа преку преминот Рафа на југ во Синај“, рече тој.
Тој рече дека таквиот потег „само ќе создаде уште една Газа, уште една пеколна дупка“, додека „потоа ќе следуваат населувања низ цела Газа“.
„Ова е војна за израелска експанзија на сметка на палестинскиот народ. А остатокот од светот изгледа слеп пред реалноста на она што се случува“, рече тој.
Израелската Армија го продолжи своето смртоносно бомбардирање на Појасот Газа од минатиот петок, откако прогласи крај на еднонеделната хуманитарна пауза.
Повеќе од 15.500 Палестинци, главно деца и жени, се убиени во израелските напади од 7 октомври, а повеќе од 41.300 други се ранети, а стотици илјади се раселени.
Официјалниот број на загинати Израелци изнесува 1.200.
- „Ставот на британската Влада и раководството на Лабуристичката партија е погрешен“
На прашањето во врска со ставот на британската Влада и раководството на Лабуристичката партија за тековната криза, Корбин рече дека тој е „едноставно погрешен“.
„Тие се спротивставија на прекинот на огнот и рекоа дека треба да има пауза во бомбардирањето“, рече тој.
„Пауза за да се направи што? Да се закопаат мртвите, да се даде малку храна и поддршка за оние што се живи, а потоа утре да влезат и да почнат да ги убиваат, што сега се случува. Ова е едноставно ужасно.“
Обраќајќи му се на премиерот Риши Сунак, Корбин се запраша дали тој сака „да влезе во историјата како премиер кој не направил ништо“ кога тие имале моќ да ги спасат животите на Палестинците.
Сѐ што британската Влада направи досега е давање „целосна поддршка за Израел и неговата кампања за бомбардирање“, тврди тој.
Потсетувајќи на минатомесечната седница во Парламентот на Велика Британија, каде мнозинството гласаше против повикот за итен прекин на огнот во Газа, Корбин рече: „За жал, опозицијата во Парламентот (исто така) одби да зборува за прекин на огнот.“
Корбин, сепак, вети дека ќе продолжи со напорите да се заложува за прекин на огнот.
„Кампањата низ земјата продолжува. Синдикатите, учениците и луѓето водат кампања, а ние нема да заминеме“, рече тој.