Laura Gamba Fadul
07 Февруари 2024•Ажурирај: 08 Февруари 2024
БОГОТА (АА) - Поранешниот претседател на Чиле, Себастијан Пињера, загина на 74-годишна возраст во хеликоптерска несреќа во близина на езерото Ранко во регионот Лос Риос, што се наоѓа во јужниот дел на Чиле, пренесува Анадолу.
„Имавме потврда од карабињерите (полициските сили) дека морнарицата успеала да стигне до местото каде што се случила несреќата и да го извлече телото на поранешниот претседател Себастијан Пињера, кој почина“, рече министерката за внатрешни работи Каролина Тоха, која упати сочувство до семејството на Пињера.
Според првичните информации, со хеликоптерот патувале четири лица, меѓу кои и три лица кои екипите на итната помош ги пронашле живи. Властите не го објавија идентитетот на преживеаните.
Хеликоптерот успеал да напредува неколку метри кога полетал, но изгубил контрола во близина на брегот на реката. Преживеаните очигледно скокнале од хеликоптерот пред да се урне, но Пињера, кој управувал со него, не можел навреме да го откопча појасот.
Хеликоптерот паднал на длабочина од 40 метри во реката. Владата потврди дека телото на поранешниот претседател било пронајдено неколку часа подоцна.
Бизнисменот милијардер и десничарски политичар беше претседател на Чиле од 2010 до 2014 година и повторно од 2018 до 2022 година.
Несреќата се случи кога во земјата беше прогласена национална жалост од страна на претседателот Габриел Бориќ по смртта на повеќе од 130 лица во шумски пожари.
„Тој ќе ги има сите републички почести и признанија што ги заслужува. Претседателот Бориќ нареди да се одржи државен погреб и да се прогласи национална жалост“, рече Тоха.