Haydar Şahin
31 Јули 2022•Ажурирај: 01 Август 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Досега 69 лица ги загубија животите во катастрофалните поплави предизвикани од поројните дождови кои зафатија поголем дел од Иран, особено провинцијата Техеран, известува Агенција Анадолија (АА).
Неџат Џихани, потпретседател на Одделот за техничко реструктурирање и рехабилитација и координација при Иранската организација за управување со кризи, за иранската официјална информативна агенција ИРНА изјави дека 69 лица ги загубиле животите во поплавите во последната недела, а 45 лица сѐ уште се водат како исчезнати.
Посочувајќи дека меѓу 69-те загинати во катастрофалните поплави има и 6 ирачки државјани, Џихани рече: „Тројца од 45 исчезнати лица се Ирачани. Покрај тоа, во последната поплава се повредени 39 лица, од кои тројца се ирачки државјани.“
Истакнувајќи дека 24 ирански провинции се погодени од поплавите и дождот, Џихани рече дека најголема загуба на човечки животи од поплавите има во Техеран, а потоа следуваат провинциите Керман, Јазд, Мазендеран, Меркези, Систан-Балуџистан и Лористан.
Иранските власти соопштија дека покрај напорите за пребарување и спасување во областите погодени од поплавите, продолжуваат и напорите за помош на лицата погодени од поплавите.
Властите ги предупредија граѓаните да се држат подалеку од бреговите на реките и каналите во случај на продолжување на дождовите.
Од друга страна, Националниот центар за прогнозирање и управување со кризи соопшти дека обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата ќе продолжат до понеделник.
Директорот на Агенцијата за помош и спасување при Црвената полумесечина на Иран, Мехди Велипур, во изјава за државната телевизија рече дека 61 лице ги загубиле животите, а 32 лица се водат како исчезнати во катастрофалните поплави што се активни низ целата земја.