Hakan Çopur
06 Октомври 2017•Ажурирај: 07 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот весник „Washington Post“ (Вашингтоон пост) објави вест во којашто се тврди дека претседателот на САД, Доналд Трамп, планира да даде изјава во којашто ќе посочи дека постигнатиот договор за нуклеарната програма со Иран не е во интерес на Америка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во веста се наведува дека, најверојатно, Трамп на 12 октомври ќе има обраќање за Средниот Исток, и притоа, поопширно ќе ги образложи плановите за Иран.
Се претпоставува дека Трамп при ова обраќање би можел да изјави дека завршува нуклеарниот договор со Иран. Во веста се наведува дека администрацијата на Трамп, која до 15 октомври треба да го информира Конгресот дали Иран се однесува според начелата на нуклеарниот договор, сака пред овој датум да го раскине договорот и на негово место да воспостави една посеопфатна стратегија.
- Белата куќа го заобиколи договорот
Од друга страна, портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, за време на дневниот брифинг беше запрашана за судбината на договорот, но таа не даде конкретен одговор.
Сандерс изјави: „Претседателот на оваа тема донесе одлука и кога ќе дојде вистинското време, ќе ја објави. Претседателот има посеопфатна стратегија во врска со Иран. По ова прашање, со него соработува добра екипа“.
Претседателот Трамп уште за време на предизборната кампања, најголеми забелешки упатуваше кон потпишаниот нуклеарен договор меѓу Иран и земјите од П5+1 (САД, Британија, Кина, Франција, Русија и Германија) во 2015 година.
По изборот за претседател, во голем број свои говори, Трамп го окарактеризира нуклеарниот договор со Иран како „еден од најлошите договори во историјата на САД“, и порача дека ќе преземе строги чекори кон Техеран.