Burç Eruygur
22 Декември 2022•Ажурирај: 25 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Она за што Украина се бори во речиси 10-месечната војна, ги надминува границите, но има поврзаност со самото право на постоење на нацијата, рече првата дама на Украина, Олена Зеленска, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вие сте првите што сфативте: она за што Украина се бори, нема граници. Тоа го претставува правото на постоење“, рече Зеленска синоќа за време на онлајн средбата со нејзините колеги од различни земји, соопшти украинското Претседателство.
За време на онлајн средбата на која присуствуваа првите дами на Франција, Северна Македонија, Латвија, Литванија, Исланд, Белгија, Србија, Бермуди и Естонија, Зеленска им се заблагодари на нејзините колешки први дами за нивната поддршка и помош за Украина во раните фази на војната со Русија.
„Мислам дека сево ова стана возможно бидејќи имаме заеднички вредности. А најголемата од нив е човечкиот живот и неговиот спас. Слободата и нејзината заштита“, рече Зеленска.
Зеленска, исто така, ја истакна важноста на вториот Самит на првите дами и господа во Киев во јули во главниот град Киев, за кој рече дека успеал да собере 6,4 милиони долари, што овозможило купување на 84 амбулантни возила за Министерството за здравство на Украина.
Разговарајќи за работните планови за 2023 година со другите први дами, Зеленска предложи Самитот да се интегрира во активностите на меѓународните настани.
„Ваквите состаноци во рамките на други големи меѓународни настани ќе додадат регуларност на нашата соработка. Можеме заеднички да одржуваме меѓународни настани на други глобални организации: Генералното собрание на ОН, Г-7, Г-20 итн., и сами да го презентираме Самитот на нивните платформи“, изјави таа.
Таа додаде дека улогата на првите дами се менува, зашто долго време се сметаа за „само мека сила, далеку од тоа дека имаат големо влијание врз светот“.
„Ние сме сила. Ние одлучуваме дали е тврдо или меко, во зависност од околностите. Главното нешто е што тоа е моќно“, рече таа.
Самитот на првите дами и господа во Киев е меѓународна иницијатива покрената од Зеленска, која го одржа својот прв самит на 23 август и има за цел да создаде платформа за меѓународен дијалог за да помогне во решавањето на хуманитарните прашања и да ја зајакне политичката улога на првите дами.