Burç Eruygur
28 Декември 2022•Ажурирај: 29 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Предупредувања и сирени за воздушни напади се огласија низ сите региони на Украина, меѓу кои и во главниот град Киев, поради можни руски воздушни напади, јавува Агенција Анадолија (АА).
Локалните власти ги повикаа жителите да се засолнат до прекин на тревогата.
Во регионот на Крим, кој Русија нелегитимно го анектира во 2014 година, не се издадени никакви предупредувања.
Тревогата беше активирана откако беа пријавени руски ракетни напади во источниот регион Харков.
„Четириесет и осумгодишен маж се здоби со повреда од шрапнел како резултат на утринските напади… на Харков. Тој е хоспитализиран“, соопшти гувернерот на Харков, Олех Синехубов, во порака на неговиот профил на „Телеграм“.
Речиси секојдневно во Украина се огласуваат предупредувања и тревоги за воздушни напади поради ракетните и нападите со беспилотни летала кои ја таргетираа цивилната и енергетската инфраструктура на земјата. Ваквите напади драматично се интензивираа откако во експлозија во октомври беше оштетен клучниот руски Керченски Мост кој води до полуостровот Крим.