Bayram Altuğ,Yusuf Özcan
08 Октомври 2021•Ажурирај: 11 Октомври 2021
ЖЕНЕВА (АА)
- Бајрам АЛТУГ / Јусуф ОЗЏАН
Премиерот на Мали, Чогуел Кокала Маига, истакнувајќи дека вратите на неговата земја се отворени за оние земји што можат да го обезбедат нејзиниот територијален интегритет, рече: „Ни треба пријателска земја како Турција.“
Со Маига, премиерот на преодната Влада, формирана по државниот удар на 24 мај во Мали, разговараше дописникот на АА во Женева, Швајцарија.
Mига реагира во однос на Франција, со која имаат тензија во последните недели.
Истакнувајќи дека иако Обединетите нации (ОН) и меѓународната заедница ветија дека ќе стават крај на тероризмот во земјата, се случи спротивното, Маига нагласи дека терористите кои беа заглавени на северот од неговата земја пред осум години, сега доминираат во две третини од земјата.
Mаига, подвлекувајќи дека им е потребна помошта на Турција во борбата против тероризмот, порача дека се подготвени да соработуваат со Турција во областа на одбранбената индустрија.
- „Бевме против Нацрт-резолуцијата на Франција затоа што Франција не се консултира со нас“
Потсетувајќи дека имаат обврска да ја осигураат безбедноста на граѓаните на Мали, премиерот Mаига рече:
„Елементите што меѓународната заедница ни ги обезбедува во борбата против тероризмот не го даваат посакуваниот резултат бидејќи секоја година тероризмот се зголемува. Во 2013 година беше кажано дека меѓународната заедница интервенира за да се стави крај на тероризмот. [Поранешниот претседател на Франција] Франсоа Оланд го рече ова. Првата цел беше да се стави крај на тероризмот, втората цел, да се обезбеди територијалниот интегритет на Мали, третата цел беше спроведување на резолуциите на ОН. По осум години, терористите под нивна контрола зедоа 2/3 од територијата на земјата. Пред тоа терористите беа заглавени на северот на земјата. По осум години видовме дека територијалниот интегритет на Мали не е обезбеден. Осум години подоцна, видовме дека резолуциите на ОН се менуваат секоја година. Владата на Мали се противеше на Резолуцијата што ја предложи Франција во Советот за безбедност на ОН оваа година, бидејќи [Франција] не се консултира со нас.“
Маига истакна дека не можат да прифатат друга земја да предложи резолуција до Советот за безбедност на ОН без да се сретнат со неговата земја за прашања поврзани со Мали.
- Порака до турските компании „Мали е вашиот дом“
Давајќи позитивни пораки за соработка со турскиот сектор за одбранбена индустрија во рамките на борбата против тероризмот во неговата земја, Маига рече: „Денеска, Владата на Мали го вели следното: Бараме партнери за да помогнат во борбата против тероризмот. Ниту една земја не е исклучена. Добредојдени се сите оние кои се подготвени да се сретнат со нас, кои можат да помогнат во борбата против тероризмот и да го обезбедат нашиот територијален интегритет. [Во борбата против тероризмот во нашата земја] Потребна е пријателска земја како Турција.“
Истакнувајќи дека Владата на Мали има добри односи со Турција, Маига рече дека многу турски деловни луѓе и компании дошле во Мали и дека имал средби со нив.
„95% од популацијата на Мали се муслимани. Турција, со која Мали сака да соработува, е една од големите земји што го избра патот на исламот. Истото им го кажав и на менаџерите на турските компании. Мали е нивниот дом, само нека има профитабилна трговија. Нашата земја е отворена за меѓусебна соработка со Турција.“
Премиерот на Мали истакна дека доколку бидат поканети, ќе присуствуваат на Турско-африканскиот форум за економија и бизнис, кој ќе се одржи во Турција на 21 и 22 октомври.
- „Шампионите на либерализмот ја отфрлаат фер трговијата“
Mаига, кој присуствуваше и на состаноците на Светската трговска организација (СТО), која го прогласи 7 октомври за Светски ден на памукот во Женева, рече дека Мали е земјата која произведува најмногу памук во Африка и дека памукот е првиот извозен производ.
Маига, наведувајќи дека е во Швајцарија за да ги брани интересите на неговата земја, нагласи: „Ние 18 години вложуваме напори за светската трговија да биде фер, западните земји, особено САД и Европската Унија да ја намалат помошта за производителите на памук. Шампионите на либерализмот, кои велат дека сѐ треба да се либерализира, ја отфрлаат фер трговијата. Тие им даваат на своите производители 5 милијарди долари годишно. Тоа ја тресе светската трговија.“
Посочувајќи дека финансиската помош што им се дава на производителите од западните земји одговара на цената на памукот што се продава на меѓународниот пазар во Африка, Mаига рече дека овие производители го продаваат памукот за цена што им одговара и како резултат на тоа, Африканците претрпуваат загуба од приход.
Маига, додавајќи дека изјавите на меѓународните политичари за помош за Африка немаат никаква смисла, рече дека наместо да помагаат на Африканците, треба да им се дозволи да ги продаваат своите производи по вредноста што ја имаат.