Esat Fırat
21 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Палестинскиот премиер, Мухамед Иштије, истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) политички, финансиски и економски ја држат под опсада палестинската администрација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на неделниот состанок на Советот на министри во окупираниот град Рамала, на Западниот Брег, Иштије нагласи дека американскиот претседател, Доналд Трамп, признал дека ја спречил помошта за Палестинците и дека спречува некои арапски земји да ги исполнуваат своите обврски кон нив.
Нагласи дека САД, со политиката што ја спроведуваат, имаат за цел да извршат притисок врз палестинската администрација. „САД ја држат Палестина под опсада политички, финансиски и економски. Тој што е во право е моќен, тие што се лојални кон својата земја нема да се пазарат за својата кауза.“
Во својот говор Иштије ги поздрави арапските народи и земјите што ја поддржуваат палестинската кауза.
Американскиот амбасадор во Израел, Дејвид Фридман, минатата недела во интервјуто за весникот „Израел хајом“ („Israel HaYom“), кој е познат по блискоста до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, истакна дека администрацијата на Вашингтон размислува да го постави Мухамед Дахлан, кој е протеран од движењето Фатах, за претседател на Палестина, наместо претседателот Махмуд Абас.
Изјавите на Фридман наидоа на реакција од палестинската администрација и Хамас.
По реакциите израелскиот весник ја поправи изјавата на амбасадорот Фридман.
Весникот, менувајќи ги изјавите на Фридман, напиша: „Немаме намера да го замениме Абас со Дахлан. Немаме желба да ја обликуваме палестинската администрација.“