Ekipa
24 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Замрзнатите руски средства треба да се искористат за обнова на Украина, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, Фон дер Лајен рече дека ЕУ ќе направи сè за да пронајде решение за обновата на Украина, вклучувајќи ги, ако е можно, и руските средства што ги замрзнале.
Според Фон дер Лајен, Русија „третира милиони луѓе не како човечки суштества, туку како луѓе без идентитет, што треба да се преместат или контролираат или да се поставуваат како тампон меѓу воените сили, обидувајќи се да ги погази аспирациите на цела нација со тенкови“.
„Оваа агресија мора да биде стратешки неуспех“, рече таа, нагласувајќи дека „Украина мора да победи во оваа војна“.
Таа вети дека ЕУ и меѓународните партнери „рака под рака ќе ѝ помогнат на Украина да се издигне од пепелта“, дури и ако тоа бара „колосална работа“.
Фон дер Лајен, исто така, ја обвини Русија дека ги користи енергетските резерви и безбедноста на храната како глобално оружје.
Правејќи споредба меѓу одлуките на советскиот водач Јосиф Сталин за наводно изгладнување на Украинците во 1930-тите, таа денеска рече дека „армијата на Кремљ ги конфискува резервите на жито и машините“, а „руската артилерија ги бомбардира магацините за жито низ Украина“.
„По предлогот на Европската комисија, ЕУ ќе создаде меѓународна платформа за донации, заеднички управувана од извршно тело на ЕУ и Украина, што ќе ги комбинира реформите и инвестициите“, рече таа.
ЕУ одвои 2 милијарди евра воена помош за Украина и мобилизираше повеќе од 4 милијарди евра макрофинансиска помош, хуманитарна помош и поддршка за земјите од ЕУ кои примаат бегалци од Украина од почетокот на војната на 24 февруари.
Исто така, усвои пет пакети на санкции против Русија, насочени кон поединци, вклучително и кон рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како и забрана за извоз на луксузни стоки и увоз на јаглен и исклучувајќи ги руските и белоруските банки од користењето на меѓународниот платен систем СВИФТ.
Фон дер Лајен минатата недела најави дополнителни 9 милијарди евра макрофинансиски пакет помош за Украина, што се очекува да биде одобрен од лидерите на ЕУ на самитот следната недела.