Ekipa
20 Јануари 2022•Ажурирај: 21 Јануари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија денеска ја предупреди Русија на „огромни економски и финансиски санкции“, доколку ја нападне Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи преку видеоврска на Светскиот економски форум, Урсула фон дер Лајен ги призна дипломатските ангажмани од минатата недела помеѓу Русија и западните земји за европските безбедносни аранжмани.
Таа истакна дека блокот сака дијалог со Русија за да го реши конфликтот во Украина.
„Но ако ситуацијата се влоши, ако има какви било дополнителни напади на територијалниот интегритет на Украина, ние ќе одговориме со огромни економски и финансиски санкции“, предупреди Фон дер Лајен.
Нејзините изјави дојдоа ден откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека верува оти Русија ќе тргне кон инвазија на Украина.
Вон дер Лајен, исто така, ги отфрли „обидите на Русија да ја подели Европа“, велејќи „Нема да се вратиме на старата логика на конкуренција и сфери на влијание, кога цели земји се третираа како своина или како свој двор.“
На состанокот на Советот НАТО-Русија, Воената алијанса ги отфрли тврдењата на Русија за запирање на процесот за проширување на НАТО и повлекување на силите од источните страни на НАТО и ја повика Русија да стави крај на заканувачката реторика и военото засилување во и околу Украина.
Разговорите помеѓу Русија и западните земји за нацрт-договорите предложени од Москва за европските безбедносни аранжмани завршија без напредок минатата недела.