ИСЛАМАБАД (АА) - Претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп, истакна дека и покрај тоа што очигледно епидемијата може да заврши само со брза и ефикасна вакцинација со глобален пристап, глобалната неправда се манифестира и во пристапот до вакцините, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на турскиот Парламент, Шентоп, се обрати на 2. Генерална конференција на Парламентарното собрание на Организацијата за економска соработка (ECO), насловена како „Поддршка на парламентарното партнерство за регионална интеграција“, што се одржа во Исламабад, главниот град на Пакистан.
Шентоп истакна дека на Конференцијата ќе разговараат за улогите и одговорностите на парламентите во борбата против пандемијата на Ковид-19, како и за трговијата и поврзаноста, и развојот на туризмот и намалувањето на сиромаштијата.

„Ова се чувствителни прашања кои во суштина може да се решат со силна солидарност, регионална и меѓународна соработка. Особено во овој критичен период кога сите области на животот се погодени негативно, императив е да го искористиме нашето собрание, кое обезбедува атмосфера на регионални консултации и дијалог во врска со овие прашања“, нагласи Шентоп.
Наведувајќи дека епидемијата на Ковид-19 и нејзините последици ќе претставуваат пресвртница во светската историја и литература како период за кој ќе треба социјално истражување и академско проучување, Шентоп рече: „Епидемијата на Ковид-19, што се претвори во глобална криза, беше причина за смртта на повеќе од 2,5 милиони луѓе во светот. Освен во полето на здравството, предизвика штета на економијата и трговијата. Целиот свет ги почувствува длабоките социоекономски, хуманитарни и политички ефекти на овој процес“, рече Шентоп.
Тој истакна дека во борбата против оваа шокантна криза, меѓународната соработка и солидарност станале посуштински од кога и да било порано: „И покрај тоа што очигледно е дека епидемијата може да се заврши само со брза и ефикасна вакцинација со глобален пристап, за жал, и во пристапот до вакцините се манифестира глобалната неправда.“

- „Турција испрати помош до 158 земји и 11 меѓународни организации“ -
Шентоп, наведувајќи дека е од витално значење вакцините да бидат произведени во доволни количини и да бидат достапни на целото човештво на фер начин, додаде: „Дадовме медицинска помош и поддршка на 158 земји и 11 меѓународни организации, заснована врз принципот ‘она што го споделувате е ваше, а не она што го штедите‘.“
Истакна дека Турција направила голем напредок во студиите за развој на домашна, национална вакцина: „Кога ќе бидеме подготвени, нашата национална вакцина ќе ја понудиме на услуга на човештвото, со тоа нашата активна борба во рамките на нашите граници ќе ја одразиме и на глобално ниво.“
Претседателот на Големото национално собрание на Турција истакна дека одлуките што треба да ги донесат парламентите треба да бидат поддржани со закони, а дека исто така треба да се почитуваат социјалните димензии на мерките и правичната распределба на финансиските ресурси, почнувајќи од ранливите сегменти на општеството.
- Организацијата за економска соработка со над 450 милиони жители -
Во својот говор, осврнувајќи се на Организацијата за економска соработка, Шентоп рече дека тие се горди што се основачи на оваа организација, која зафаќа површина од 8 милиони квадратни километри и вклучува над 450 милиони жители, заедно со Пакистан и Иран.
Посочувајќи дека имаат за цел понатамошен развој на економската, техничката и културната соработка меѓу членовите на Организацијата за економска соработка (ECO), Шентоп истакна: „Парламентарната димензија на Организацијата за економска соработка беше иницирана во 2012 година од нашиот ценет домаќин Пакистан. И покрај тоа што првичниот планиран процес на институционализација на нашиот парламент сè уште не е завршен, присуството на нашата волја да работиме во согласност со нејзините основачки цели е надежно и инспиративно.“
- „Примирјето во Палестина мора да се следи“ -
Во својот говор, Шентоп се осврна и на нападите на Израел врз Палестина. „Прогонот што се случи во Палестина пред само неколку недели, и што сите нè направи да сме многу тажни, е јасен пример за тоа. Прекинот на огнот постигнат во регионот по злосторствата направени против човештвото и теророт треба да се следи. Во случај на потреба ние треба да помогнеме.“
Шентоп повтори дека Турција одлучно ги поддржува напорите за воспоставување географски интегрирана, независна и суверена палестинска држава заснована на дводржавно решение и во границите од 1967 година, со главен град Источен Ерусалим (Источен Кудс), и дека ова прашање е многу важно за обезбедување регионален мир.
-„Прашањето за Кашмир треба да се реши во согласност со резолуциите на ОН“ -
Осврнувајќи се на прашањето за Кашмир, Шентоп рече: „Кашмирското прашање, кое трае скоро 74 години и го загрозува мирот во регионот, треба да се реши преку дијалог, врз основа на почитување на човековите и на меѓународното право и релевантните резолуции на Обединетите нации (ОН), земајќи ги предвид очекувањата на нашите браќа од Кашмир.“
Тој изјави дека тие како Турција, на секоја платформа нагласиле дека меѓународната заедница треба да стои до тој што е во право, а не покрај тој што е силен и гласен и дека вложуваат максимални дипломатски напори во овој момент.
На денешното отворање на Конференцијата присуствуваа претседателот на Пакистан, Ариф Алви, претседателот на Пакистанското национално собрание, Асад Кајсер, претседателот на Националното собрание на Авганистан, Мир Рахман Рахмани, претседателката на Националното собрание на Република Азербејџан, Сахиба Гафарова, претседателот на Претставничкиот дом на Таџикистан, Махмадтоир Зокирзода, додека преку видеоконференција учествуваа претседателот на Исламскиот консултативен совет на Иран, Мухамед Багер Галибаф, претседателот на Парламентот на Туркменистан, Ѓулшат Мамедова, и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка (ECO), Хади Сулејманпур.
news_share_descriptionsubscription_contact
