Ekip
14 Април 2025•Ажурирај: 20 Април 2025
ГАЗА (АА) – Претставници на Обединетите нации денес ја посетија баптистичката болница „Ал-Ахли“ во Газа, која повеќе не е во функција поради израелските напади, јавува Анадолу.
Тимови од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA), Службата за мини на ОН (УНМАС) и Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) извршија увид во болницата.
Официјалните лица ги снимиле уништените делови, особено одделот за брза помош во болницата.
Пред да биде погодена од два израелски проектила во неделата болницата „Ал-Ахли“ беше единствена здравствена установа во градот Газа што целосно функционираше. Во нападот се уништени одделот за итна медицинска помош, зградата за хируршки интервенции и станицата за производство на медицински кислород.
Со овој напад целосно не е во функција и последната болница во центарот на Газа што работеше. Според меѓународното право, нападите врз здравствените установи се сметаат за воени злосторства.
На 18 март израелската армија ја обнови офанзивата во Газа и покрај договорот за прекин на огнот и за размена на затвореници што беше постигнат на 19 јануари.
Од почетокот на офанзивата во октомври 2023 година во израелските напади врз Газа загинаа речиси 51.000 луѓе, а најголем број се жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Газа.
Покрај тоа, Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.