Elena Trenchevska Chekovic
12 Мај 2025•Ажурирај: 14 Мај 2025
СКОПЈЕ (АА) – Голем број луѓе во Пешавар, Пакистан, излегоа на улиците синоќа за да го видат големиот огномет во знак на солидарност со пакистанската армија и да го прослават примирјето, еден ден по објавувањето на прекинот на огнот меѓу Индија и Пакистан, јавува Анадолу.
Пакистан и Индија склучија договор за прекин на огнот на 10 мај по неколкудневните воени ескалации.
Американскиот претседател Доналд Трамп, во објавата на својата платформа за социјални медиуми, изрази гордост за лидерите на Индија и Пакистан за запирањето на нападите, споменувајќи истовремено идно зголемување на трговијата со двете страни и работа на решение во врска со Кашмир.
Претходно Исламабад започна масовна одмаздничка операција против Индија во саботата наутро по воените напади на Њу Делхи врз, како што ги нарече, „терористички цели“ низ Пакистан, откако 26 лица беа убиени во напад врз индиски Кашмир.
Околу 33 лица се убиени, а 62 се повредени во Пакистан во индиските воени напади и прекуграничното пукање по Линијата на контрола, де факто граница, што ја дели спорната долина Кашмир меѓу двете соседни земји.
Во огнот по должина на Линијата на контрола во индиски Кашмир беа убиени 21 лице.