Amir Latif Arain
20 Април 2026•Ажурирај: 20 Април 2026
Властите во Нов Зеланд денес прогласија вонредна состојба во главниот град Велингтон откако поројните дождови предизвикаа големи поплави и одрони на земјиштето, јавува Анадолу.
Според информациите на државниот сервис Радио Нов Зеланд, досега е пријавено исчезнување на најмалку едно лице.
Националната метеоролошка служба го активираше црвениот аларм за подрачјето на Велингтон и регионот Ваирарапа, кој ќе остане на сила до утревечер.
Државниот метеоролошки завод „Мерсервис“ соопшти дека прогнозираните врнежи претставуваат закана по животот поради опасните услови во речните корита, значителните поплави и одроните на земјиштето.
„Од граѓаните бараме сериозно да ја сфатат оваа ситуација, да ги следат безбедносните препораки и навреме да реагираат доколку се наоѓаат во ниски подрачја или подрачја склони кон поплави, особено оние што се соочија со повеќекратни поплави во изминатите години“, изјави Кери Мекензи, претставник на Службата за цивилна заштита на Велингтон.
Надлежните власти ги предупредија жителите на Велингтон што престојуваат во критичните зони да се евакуираат на побезбедни локации во текот на следните 24 часа.
Дополнително, граѓаните беа повикани да дејствуваат брзо и да не ги чекаат официјалните соопштенија доколку проценат дека е неопходна итна евакуација.