Mustafa Deveci
26 Септември 2022•Ажурирај: 27 Септември 2022
ХАРКОВ (АА) - МУСТАФА ДЕВЕЏИ -
Продолжува евакуацијата на цивилите кои живеат во населбите блиску до линијата на фронтот во областа Харков во источна Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Евакуацијата под звуците на артилеријата најчесто се изведува од страна на украинските доброволци.
Во контраофанзивата што започна овој месец, украинската Армија повторно зазеде од руските сили повеќе од 300 населби во регионот Харков.

Продолжуваат судирите меѓу руските сили, за кои се вели дека воспоставиле одбранбена линија источно од реката Оскил во некои делови од областа Харков, и украинската Армија.
Поради конфликтите, дел од цивилите во регионот се принудени да ги напуштат своите домови.
Цивилите кои ги напуштаат своите домови евакуирани се во други делови на Украина, кои се побезбедни од Харков.
Евакуацијата главно се реализира од страна на украинските хуманитарни организации.

Украинската хуманитарна организација „Помош на луѓето“ исто така игра важна улога во евакуацијата на цивилите во областите блиску до линијата на фронтот.
- И покрај сѐ, има и такви лица кои не сакаат да ги напуштат своите домови -
Процесот на евакуација е доста тежок. Возилата што одат да ги земат цивилите кои чекаат евакуација, мора да возат што е можно побрзо по нерамни патишта, затоа што постои ризик во секој момент да бидат цел на топовски или ракетни истрели.
Украинските доброволци, кои стигнале до населбите блиску до линијата на фронтот, една по една ги обиколуваат адресите што им се дадени за евакуација. И покрај напорите за убедување на волонтерите, некои од постарите лица или лицата кои не сакаат да ги напуштат своите домови не се евакуираат.
Оние кои сакаат да бидат евакуирани се носат од регионот со минибус со неколку куфери што можат да ги понесат со себе. Лицата се носат во градот Шевченкове во регионот Харков.

Цивилите кои биле евакуирани најпрвин се носат во градот Харков, а потоа и во регионите каде што сакаат да заминат. Некои од евакуираните ронат солзи поради стресот и стравот што го доживуваат.
Иван Резниченко, кој е евакуиран со сопругата и 2-те деца, истакна дека областа во која живеат станала опасна поради конфликтите, па затоа морале да ги напуштат своите домови.
Наведувајќи дека морале зад себе да остават сѐ, Резниченко рече дека се надева дека конфликтите ќе завршат и тој ќе се врати во својот дом.
Максим Маршелко, кој доброволно учествуваше во евакуацијата на цивилите, за Агенција Анадолија (AA) истакна дека тие што сакаат да го напуштат регионот се пријавиле и дека тие луѓе се земаат од нивните домашни адреси.
- „Доколку сите се плашиме, кој ќе им помогне на овие луѓе?“
Нагласувајќи дека доброволно учествува во операциите за евакуација, Маршелко рече: „На луѓето им треба помош и наша должност е да им помогнеме.“
Додавајќи дека во просек дневно евакуираат 50-60 луѓе и дека оваа бројка се менува во зависност од ситуацијата, Маршелко истакна дека при евакуацијата ги преземаат сите ризици.
Посочувајќи дека за нив најважен е животот на луѓето кои чекаат евакуација, Маршелко подвлече: „Доколку сите се плашиме, кој ќе им помогне на овие луѓе?“