Ata Ufuk Şeker
20 Јули 2020•Ажурирај: 21 Јули 2020
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на 27 земји членки, кои од петокот преговараат за буџетот и програмата за помош за санирање на економските последици предизвикани од епидемијата на новиот вид коронавирус, сè уште не постигнаа договор, поради што преговорите продолжуваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Баренд Лејтс, портпарол на челникот на Европскиот совет, преку социјалните мрежи соопшти дека Самитот на лидерите на ЕУ, кој започна во петокот, е продолжен.
Лејтс наведе дека лидерите направиле пауза помеѓу состаноците и дека во попладневните часови ќе се состанат повторно.
Самитот на лидери на ЕУ беше планиран да се одржи само на 17 и 18 јули, но програмата е продолжена затоа што не е постигнат договор.
На Самитот, со кој претседава челникот на Советот, Шарлс Мишел, присуствуваат шефови на држави или влади на 27-те земји членки, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
На Самитот се преговара за програмата за помош од 750 милијарди евра наменета за опоравување на економијата од пандемиската криза, како и за нацрт Повеќегодишната финансиска рамка со која ќе се одреди буџетот на ЕУ во вредност од 1 трилион евра за период од 2021 до 2027 година.
Лидерите преговараат за димензиите на програмата за опоравување на економијата, нивниот удел во тоа, износите на кредитите, механизмите за контрола и условите.
Воедно, тие преговараат и за буџетот на ЕУ за периодот 2021-2027 година, за неговиот размер, за полињата на кои ќе се потроши и за стапката на удел на земјите во буџетот.
Сепак, лидерите имаат потешкотии во постигнувањето договор. Така Холандија, Данска, Шведска и Австрија не се воодушевени со одредени услови, особено во програмите за помош.
Имено, овие држави сакаат на европските земји условно да им се даде кредит, и оваа помош да се врати во идниот период.
Споменатите земји, доколку дојде до давање кредит, бараат строг контролен механизам.
Унгарија и Полска се спротивставуваат на тоа европските фондови да бидат правно обврзувачки. Тие планираат да стават вето на таквиот буџет и програмата за помош.