Ata Ufuk Şeker
30 Мај 2022•Ажурирај: 31 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Пред почетокот на Самитот на лидерите на Европската Унија (ЕУ), што ќе се одржи денеска во Брисел, главниот град на Белгија, група Украинци протестираа барајќи воведување забрана за увоз на нафта од Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По повикот на невладината организација „Поддршка за Украина“, голем број Украинци се собраа на плоштадот „Шуман“, во близина на зградата каде што ќе се одржи Самитот на лидерите на ЕУ во Брисел.
Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Не за рускиот гас и нафта“, „Како е чувството да се финансира геноцидот?“, „Европо, биди храбра“, „Не купувај нафта и гас од Русија“.

Демонстрантите, кои носеа украински знамиња, извикуваа антируски слогани.
Меѓу другото бараа земјите членки на ЕУ да не купуваат нафта и природен гас од Русија.
Демонстрациите се одржаа пред Самитот на лидерите на ЕУ, што ќе започне денеска и на кој ќе се разговара за прашања како руско-украинската војна, санкциите и енергетиката.