Emel Gözellik
16 Ноември 2020•Ажурирај: 20 Ноември 2020
АНКАРА
Проф. д-р Угур Шахин, еден од основачите на германската фирма за биотехнологија „БиоНтек“ („BioNTech“), кој ја разви потенцијалната вакцина против новиот вид коронавирус (Ковид-19), за која се вели дека 90 отсто е успешна, истакна дека наредната зима можеме да се вратиме во нормалниот живот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шахин го истакна ова во изјава во „Ендрју Мар шоу“, емитувано на „Би-би-си“ (BBC).
Тој нагласи дека со вакцината која има ваков висок ефект, можеби не до 90 отсто, но до 50 отсто ќе се намали ширењето на вирусот меѓу луѓето.
Според него, и оваа бројка значајно ќе го намали ширењето на пандемијата.
Шахин истакна дека во случај сè да оди како што треба, кон крајот на зимата или пак, во почетокот на наредната година ќе се започне со дистрибуција на вакцината.
Тој рече дека нивната цел е до април наредната година да дистрибуираат најмалку 300 милиони дози низ светот.
Шахин подвлече дека наредната зима можеме да се вратиме во нормалниот живот и дека важно е целата програма за вакцинација да заврши пред наредната есен.
Според него, намалувањето на стапките на инфекција ќе помогне во борбата против вирусот во летниот период, додека, како што рече тој, напролет наредната година потребно е да се достигне високо ниво на вакцинација.
Што се однесува до несаканите ефекти на вакцината, Шахин нагласи дека се јавила мала болка на местото каде што била ставена вакцината, што трае неколку дена, а кај некои субјекти била забележана мала температура што траела неколку дена.
Тој рече дека не се соочиле со сериозни несакани ефекти што ќе предизвикаат прекинување или одложување на работата.
Инаку, претходно беше соопштено дека потенцијалната вакцина против Ковид-19 развиена од страна на германската фирма за биотехнологија „БиоНтек“ („BioNTech“), која е кооснована од страна на турскиот научник проф. д-р Угур Шахин и американската фармацевтска компанија „Фајзер“ („Pfizer“), е над 90 отсто ефективна.
Според соопштеното, оваа вакцина именувана како „BNT162b1“, била тестирана кај 43.538 лица, а досега не се појавиле сериозни несакани ефекти.