Ahmet Gençtürk
18 Септември 2021•Ажурирај: 22 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин ги повика Соединетите Американски Држави (САД) и земјите од НАТО да ги сносат трошоците за обнова на Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Путин, кој е во самоизолација како превентивна мерка против Ковид-19, присуствуваше на двата самита на Шангајската организација за соработка (SCO) и на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (CSTO) - одржани во главниот град на Таџикистан, Душанбе, преку видеолинк.
Изразувајќи поддршка за контактите меѓу Шангајската организација за соработка и Авганистан, Путин истакна дека организацијата треба да ги удвои напорите за да ги спречи заканите од тероризмот, трговијата со дрога и верскиот екстремизам кои потекнуваат од Авганистан.
Тој, исто така, рече дека САД и НАТО, за кои рече дека се главно одговорни за ситуацијата во Авганистан, треба да ги сносат трошоците за обнова на земјата разорена од војна.
„Ја поддржуваме одлуката за започнување на процесот за членство на Иран во Шангајската организација за соработка, што е поднесено за одобрување до Советот на шефови на држави на организацијата“, додаде Путин.
Изразувајќи сериозна загриженост за ситуацијата во долината Паншир и најновите случувања во Авганистан, тој повика на поблиска соработка помеѓу вооружените сили на земјите членки на Шангајската организација за соработка.
Инаку, претседателот на Казахстан, Касим Жомарт Токаев, предложи формирање центар во југоисточната провинција Алмати за меѓународна помош за Авганистан.
Узбекистанскиот претседател Шевкет Мирзијоев, чија земја исто така се граничи со Авганистан, повика на одмрзнување на средствата на Авганистан во странските банки со цел да се олесни дијалогот со владата предводена од талибанците во Кабул.
Пофалувајќи го придонесот на Шангајската организација за соработка за регионалната безбедност од нејзиното формирање, киргистанскиот претседател Садир Џапаров повика на воспоставување безбедносен појас во регионот.