АНКАРА (АА) - Амбасадата на САД во Израел вчера од Тел Авив е преместена во Ерусалим, а за време на вчерашните протести по должината на границата со Газа, израелските сили усмртија најмалку 60 Палестинци. Реакциите од светот на овие настани се различни, јавува Anadolu Agency (AA).
Најостри критики и осуди стигнаа од Турција, додека европските земји избегнуваа да го осудат масакрот.
Турција веќе подолг период предводеше меѓународни иницијативи против Одлуката за преместување на Амбасадата на САД во Ерусалим, а оваа земја и за време на вчерашниот ден упати низа осуди на сметка на американската администрација и израелскиот терор.

Ердоган вчера изјави дека администрацијата на САД со неприфатливите одлуки за Ерусалим ја изгубила улогата на медијатор во мировниот процес на Блискиот Исток. Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да преземе сопствена одговорност и итно да ја спречи сè поизразената агресија на Израел во тој регион.
Ердоган, како претседавач на Организацијата за исламска соработка (ОИС), истакна дека овој чекор не придонесува за мир во регионот, напротив, тој претставува своевидно „палење на фитил“ во регионот.
Портпаролот на Кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, изјави дека „тоа што светот е нем пред варварството на систематичното уништување, претставува посебна срамотна слика“.
Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека станува збор за гнасен масакр кој остро го осудуваат како и тоа, дека се врши кршење на меѓународното право.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека САД дејствуваат со ставот, „донесов одлука, ќе го направам тоа“.
„Таму на сцена е масакр, државен терор. Не е доволно само осудувањето на израелскиот масакр врз Палестинците, потребни се заеднички чекори“, изјави претходно Чавушоглу.
ОИС: Одлуката за преместување на Амбасадата е нелигитимна
Организацијата за исламска соработка (ОИС) го осуди преместувањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим, до кое дојде и покрај реакциите на меѓународната заедница. ОИС најави одредени економски и политички мерки против земјите и организациите кои пружија поддршка на реализацијата на оваа одлука.
Во соопштението на ОИС, Одлуката за преместување на Амбасадата е окарактеризирана за нелегитимна со потсетување дека се загрозени правата на палестинскиот народ и дека се игнорираат меѓународните одлуки.
Исто така, упатен е и повик на сите земји да не пружаат поддршка на Одлуката на САД за преместување на Амбасадата во Ерусалим и да избегнуваат преземање ист чекор.
Арапската лига упати остра реакција за израелското убивање на Палестинците за време на демонстрациите на границата на Газа.
Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, соопшти дека преместувањето на Амбасадата на САД во Ерусалим е крајно опасен чекор.
„Не сметам дека САД ги сфаќаат последиците на овој опасен чекор кои ќе се појават краткорочно и среднорочно“, истакна тој.
Министерството за надворешни работи на оваа земја истакна дека кралското семејство ги осуди нападите врз палестинските цивили.
Во соопштението е упатен и повикот на меѓународната заедница да преземе одговорност за заштита на братскиот палестински народ и запирање на насилството.
Саудиска Арабија уште еднаш пружи поддршка на палестинскиот народ кој ги бара своите права пропишани со легитимни меѓународни одлуки.
Кралот на Мароко, Мухамед VI, ја отфрли Одлуката на САД за признавање на Ерусалим за главен град на Израел и преместување на Американската амбасада од Тел Авив. Тој смета дека промената во правниот и историски статус на Ерусалим е неприфатлива.
Локалните медиуми ја пренесоа пораката на мароканскиот крал упатена на палестинскиот претседател Махмуд Абас во која изрази загриженост поради Одлуката на САД да ја премести Амбасадата во Ерусалим.
Јордан овој потег на САД го нарече јасно кршење на меѓународните одлуки и резолуции на ОН.
Премиерот на Либан, Саад Харири, предупреди дека преместувањето на Американската амбасада од Тел Авив сите мировни процеси во регионот ги води во ќорсокак.
„Преместувањето на Амбасадата на САД во Ерусалим го гледаме како водење на сите мировни процеси во регионот во ќорсокак“, изјави Харири.
Египет остро ги осуди нападите на израелските окупаторски сили врз палестинските демонстранти. Од Министерството за надворешни работи на оваа земја е соопштено дека е неприфатливо користењето на сила на мирните протести на окупираната палестинска територија.
Освен тоа, Египет пружи поддршка на легитимното право на палестинскиот народ за основање независна држава со Источен Ерусалим како главен град.
Нападите врз Палестинците остро ги осуди и Министерството за надворешни работи на Бахреин. Во соопштението се наведува дека е неприфатливо користењето на прекумерна сила за време на мирните демонстрации на кои палестинскиот народ ги бараше своите права. Наведено е и предупредување на последиците од зајакнатите тензии на окупираната палестинска територија.
Осудување на израелските напади врз Палестинците пристигна и од Катар, а портпаролот на Министерството за надворешни работи на оваа земја, Лулу ел-Хатир, остро го осуди „бездушниот и систематичен масакр на окупаторските израелски сили врз палестинските цивили, меѓу кои се жени и деца“.
Министерот за надворешни работи на Иран, Џавад Зариф, изјави дека се гледаат опасни постапки кога станува збор за Ерусалим.
„За жал, дејствувањето против меѓународните правила и закони стана навика на американската Влада“, изјави Зариф.
Тој, преместувањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим го нарече за опасна постапка.
Исто така, претседавачот на иранското Собрание, Али Ларијани, во Техеран изјави дека иницијативите на САД против Палестина нема да останат без одговор.
„Остро ја осудуваме одлуката на Трамп“, изјави Ларијани.
Германија: Да се пронајде решение Ерусалим да биде главен град на Израел и Палестина
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Германија, Марија Адебахр, изјави дека на демонстрациите во Газа, Германија не сака да се злоупотреби слободата на изразување и дека посакува Израел да се однесува одмерено кога станува збор за безбедносните мерки. Таа потсети дека оваа земја не го променила ставот кога станува збор за Ерусалим.
„Потребно е да се пронајде решение за Ерусалим да биде главен град и на Израел и на Палестина“, смета Адебахр.
Канцеларијата на британската премиерка изрази загриженост во врска со насилството во Газа и извештаите за страдањата, иако Европската Унија го повика Израел да го почитува правото на мирни демонстрации.
Сепак, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, во соопштението не даде осудување за страдањето на десетици Палестинци, меѓу кои се наоѓаат деца и жени.
Илјадници Палестинци се собраа вчера на границата на Газа за да протестираат против израелската окупација и преместувањето на Амбасадата од Тел Авив во Ерусалим од страна на САД.
Израелските безбедносни сили со употреба на сила и огнено оружје се обидоа да ги спречат протестите кои ќе продолжат и денес, во кои беа убиени најмалку 60 Палестинци, а ранети се повеќе од 2.770.