Selen Temizer
05 Април 2019•Ажурирај: 07 Април 2019
АНКАРА
Изминаа две години од нападот на режимот на Башар ал Асад со хемискиот гас сарин во Хан Шејхун, во кој беа убиени повеќе од 100 цивили, и една година од нападот што режимот со истиот гас го изврши во Дума, во кој животот го загубија 78 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Според анализата на податоците што ја изврши новинарот на АА, режимот на Башар ал Асад, во текот на граѓанската војна во Сирија, која трае веќе полни 8 години, 216 пати користеше хемиско оружје.

Првиот голем масакр со хемиско оружје режимот го изврши на 21 август 2013 година во источна Гута, на подрачјето на главниот град Дамаск. Во тој напад животот го загубија 1.400 цивили, а настанот стана дел од светската агенда.
Иако тогашниот претседател на САД, Барак Обама, претходно имаше изјавено дека употребата на хемиското оружје во Сирија е нивната црвена линија, САД и Русија изнајдоа алтернативно решение.
Организацијата за забрана на хемиско оружје побара уништување на сите резерви на хемиско оружје. Оваа организација на 19 август 2014 година објави дека тоа е сторено.
Според информациите до кои АА дојде од локални извори, и по овој датум силите на режимот продолжиле со напади во кои се користени отровни хемиски гасови.
Оваа реалност излезе на виделина по катастрофата во Хан Шејхун на 4 април 2017 година.
- На 4 април 2017 година се разбра дека режимот сè уште има хемиско оружје
Масакрот на 4 април 2017 година, во кој беа убиени повеќе од 100 цивили, а повеќе од 500 цивили беа под дејство на гасот, покажа дека сепак останал дел од резервите за кои Организацијата за забрана на хемиското оружје информираше дека се уништени.
Екипата на АА, која на 5 април влезе во Хан Шејхун, забележа дека во подрачјето нема никаква воена точка или магацин, а на местото каде што беше падната бомбата имало само силоси за жито.
На 7 април САД извршија ограничена интервенција, гранатирајќи ја воздухопловната базата „Шајрат“ од каде што полетале авионите со хемиски бомби.
Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) на 19 април 2017 година објави дека од примероците на крв и урина земени од жртвите е откриено дека жртвите биле под дејство на хемискиот гас сарин.
Во јуни 2017 година, АА подготви документ со изјави од очевидци и видеодокументација и го испрати до ОПЦВ, Обединетите нации, Меѓународната независна истражувачка комисија за Сирија и Меѓународниот кривичен суд.
Заедничката истражувачка мисија (JIM) на ОН и ОПЦВ, на 26 октомври 2017 година го обвини режимот за масакрот во Хан Шејхун. Извештајот поврзан со тоа, на 27 октомври го испрати до Советот за безбедност на ОН.
Но Русија, на седницата што се одржа на 16 ноември 2017 година, стави вето на резолуцијата на СБОН за продолжувањето на работата на Заедничката истражувачка мисија (JIM). Поради тоа, на 17 ноември 2017 година беше запрен механизмот за истражување на настанот.
Бидејќи одлуката на JIM не беше доволна за на сторителите? одделна на сторите на масакрот да им се суди во Меѓународниот кривичен суд, засега не се спроведени никакви санкции против режимот.
- Блокиран патот кон Меѓународниот кривичен суд
По Хан Шејхун режимот уште 14 пати изведе напади со хемиско оружје. Последниот напад на режимот со хемиско оружје е извршен на 7 април 2018 година во местото Дума, во Дамаск. Во нападот животот го загубија 78 цивили.
На 1 март 2019 година, Организацијата за забрана на хемиско оружје потврди дека во Дума е користено хемиско оружје. На 27 јуни 2018 година на Организацијата ѝ е дадено правото да открие кој е произведувачот на хемиското оружје, но истражувачката екипа беше испратена во Дума пред да биде донесена таквата одлука.
Силите на режимот по хемискиот напад во Дума извршија присилно иселување и ја зазедоа територијата. Вооружената опозиција и вооружените групи против режимот кои под контрола го држат Хан Шејхун, сѐ уште се изложени на насилни напади.