Amir Latif Arain
02 Февруари 2026•Ажурирај: 04 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Ретка рибарска мачка, една од најнеуловливите мали диви мачки во Азија, повторно се појави првпат во претходно поплавените шуми во Западна Камбоџа, пренесува Анадолу.
Потврдата за присуството на рибарската мачка (Prionailurus viverrinus) претставува голема пресвртница во 15-годишните напори за заштита и обновување на еден од најважните слатководни екосистеми во Југоисточна Азија, објави локалниот весник на англиски јазик „Пном Пен пост“, повикувајќи се на официјално соопштение.
Присуството е потврдено откако дивото животно е фотографирано 46 пати од камери-стапици, околу средината на 2025 година, во шумите што претходно биле поплавени во западната област Пурсат, во близина на езерото Тонл Сап.
„Ова е значајно откритие што ги потврдува позитивните резултати од повеќе од една деценија управувачки напори, преку тесна соработка помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и рибарство и Министерството за животна средина, како технички советници на Меѓународната организација за зачувување на природата”, се вели во соопштението.
Ванеса Еранз Муноз, директорка на Еколошката организација за рибарската мачка (FCEE) и членка на Техничката експертска група за рибарската мачка, потврди дека сликите го прикажуваат видот.
„Записите за оваа мачка во Југоисточна Азија се многу ретки, а нејзината популација во Камбоџа веројатно е мала. Ова е само втор потврден запис на рибарска мачка во целата област на Тонле Сап и ни дава голема надеж за обновување на овој важен вид мачки“, изјави таа.
Рибарската мачка е наведена како ранлив вид на Црвената листа на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), а нејзината глобална популација се проценува на помалку од 10.000 единки.
Рибарските мачки се приближно двојно поголеми од домашна мачка и најчесто живеат самостојно.