İlayda Çakırtekin
29 Април 2025•Ажурирај: 30 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Електричната енергија е речиси целосно обновенa во најголем дел од Шпанија и Португалија откако вчера двете земји беа погодени од масовен прекин на струјата, јавува Анадолу.
„Обновени се 99,95 отсто од побарувачката“, објави шпанскиот енергетски оператор Ред Електрика на социјалната мрежа Х, наведувајќи дека продолжуваат со „целосна нормализација“ на системот.
И португалскиот дистрибутер на електрична енергија Е-Редес потврди дека денес целосно е обновено и нормализирано снабдувањето со струја, според весникот „Паблико“.
Шпанското Министерство за транспорт на X објави дека сите аеродроми се „функционални“, а на аеродромот во Лисабон во Португалија сè уште се откажани неколку летови, објави „Паблико“.
Португалскиот министер за инфраструктура и домување Мигел Пинто Луз во разговор за каналот Ноу изјави дека за два-три дена ќе се врати во нормала активноста на аеродромите, според „Паблико“.
„Вчера практично немаше летови, а тие беа надоместени со денешните летови. Значи, ќе бидат потребни два или три дена аеродромот да се врати во нормала“, рече тој.
Се известува дека и во Шпанија и во Португалија се обновуваат нарушените телекомуникации поради прекинот на електричната енергија.
Шпанија и Португалија се обидуваат да се вратат во нормала, а утринава португалската Влада закажа вонредна седница на Советот на министри.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, пак, ќе одржи седница на Советот за национална безбедност и ќе ја води кралот Фелипе VI, јавува „Ел паис“.
Прекинот на струја се случи вчера околу пладне и ги зафати Португалија, Шпанија и Андора, како и делови од Франција. Сè уште се истражуваат причините за настанот.
„Во 12:33 часот изгубивме 15 гигавати од производството - за само пет секунди. Никогаш досега не се случило ова“, изјави премиерот Санчез на прес-конференцијата доцна синоќа.
Истакнувајќи дека причината сè уште не е утврдена, тој рече дека „не се исклучува ниту една можност“, а истрагата продолжува.
Од Ред Електрика изјавија дека станува збор за „исклучителен и целосно невообичаен“ настан.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро изјави дека прекинот на струјата не потекнува од португалската мрежа, туку од Шпанија, пренесува „Паблико“.
„Станува збор за нагло зголемување на напонот во шпанската електрична мрежа, чие потекло сè уште не може да го објасниме. Знаеме дека токму ова зголемување на напонот ги активираше безбедносните механизми што доведе до прекин. Ќе разговараме со шпанските власти и ќе се обидеме да дизајнираме подобри механизми за одговор“, рече Монтенегро.
Локални и европски претставници изјавија дека нема знаци дека кибернапад е одговорен за прекинот на електричната енергија.