Büşra Nur Çakmak
13 Ноември 2025•Ажурирај: 13 Ноември 2025
АНКАРА (АА) – Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека е постигнат „добар напредок“ во подготовката на нацрт-резолуцијата на ОН за формирање меѓународни сили за стабилизација во Газа, нагласувајќи дека тоа нема да биде борбена единица, туку ќе има клучна улога во обезбедувањето на теренот за време на дистрибуција на хуманитарната помош и напорите за обнова, јавува Анадолу.
Говорејќи за новинарите вчера, по состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Канада, Рубио рече дека ажурираниот нацрт сè уште се доработува со вклученост на повеќе земји и дека Вашингтон се надева „многу скоро“ да се постигне конкретен резултат.
„Ова мора да се направи на вистински начин“, рече тој, додавајќи дека САД работат на усогласување на интересите на сите засегнати страни. „Не сакаме да го изгубиме моментумот.“
Рубио објасни дека силите за стабилизација нема да изведуваат напади ниту да се вклучуваат во борби, туку ќе бидат неопходни за обезбедување основна безбедност во подрачјата што не се под израелска контрола откако Хамас ќе биде обврзан да се разоружи во согласност со договорот што сите страни го поддржале.
„Ако навистина сакате да се зголемат протокот на хуманитарна помош и обновата во деловите на Газа што не се под контрола на Израел, тогаш мора да има безбедност - и тоа не може да биде Хамас“, рече тој.
„Ќе мора да постои сила што ќе обезбедува секојдневна стабилност и ред. Тоа е суштината на овие сили за стабилизација – да стабилизираат“, додаде Рубио.
Тој нагласи дека долгорочна цел е Газа да биде управувана од веродостојно цивилно палестинско тело, а не од Хамас или од која било странска сила.
„На крајот, нема да постои поделба на територијата“, рече тој, алудирајќи на линијата што ги дели областите под и надвор од контрола на Хамас.
„Треба да се воспостави граѓанска палестинска администрација што ќе управува со Газа, да ѝ се даде капацитет, поддршка и легитимитет, за на крајот таа да може самостојно да ја води територијата“, нагласи Рубио.
Тој додаде дека Израел не сака да администрира со Газа ниту, пак, САД или регионалните земји имаат таква намера, па затоа се потребни привремени безбедносни механизми додека се обновуваат палестинските институции.
- Загриженост за насилството на Западниот Брег
Рубио се осврна и на растечкото насилство на доселениците на Западниот Брег, изразувајќи надеж дека тоа нема да ги поткопа дипломатските и безбедносните напори во Газа.
Тој посочи дека израелскиот претседател Исак Херцог и еден регионален командант на израелската армија ги осудиле нападите, кои биле насочени и против израелски војници и полиција.
„Ги немам сите детали… но вакви инциденти се случувале и претходно“, рече Рубио, додавајќи:
„Секако, постои загриженост дека настаните на Западниот Брег би можеле да се прелеат и да создадат ефект што би ги поткопал нашите напори во Газа.“