Jeyhun Aliyev
03 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
МОСКВА
Приврзаниците на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални излегоа на улиците во главниот град Москва, откако Навални беше осуден на три и пол години затвор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претходно истиот ден, Московскиот градски суд го осуди Навални на две години и осум месеци за кршење на условната казна.
Но, Судот ја претвори неговата условна казна за случајот од 2014 година во целосна затворска казна, изрекувајќи му три и полгодишна затворска казна, одземајќи една година што ја поминал во домашен притвор од 28 февруари до 30 декември, 2014 година.
По пресудата, преку социјалните мрежи до приврзаниците на Навални беше упатен повик за демонстрации.
Групи луѓе, претежно млади, се собраа на плоштадот „Манеж“ во Москва во близина на Кремљ, каде што полицијата воведе строги безбедносни мерки.
Полицијата интервенираше остро против групите кои ги повикаа жителите на градот да излезат на улиците, извикувајќи пароли против претседателот Владимир Путин. Многу од демонстрантите беа приведени.
Во Санкт Петербург, вториот по големина град во Русија, граѓаните излегоа на протести по пресудата против Навални, но полицијата приведе десетици демонстранти и ги растера останатите.
Во Судот, Навални се изјасни за невин и побара итно ослободување. Неговите адвокати, Вадим Кобзев и Олга Михајлова, рекоа дека ќе ја обжалат пресудата.
Во 2014 година, Навални беше осуден за измама и проневера, но казната беше суспендирана и заменета со шест години условна казна. Навални беше должен двапати месечно да се јавува во полиција.
По неговото труење со нервен агенс минатата година, тој не се пријавувал во полицијата поради целиот третман во Германија.
Откако беше отпуштен, намалената казна заврши во септември 2020 година. Но, според Руската федерална казнено-поправна служба, тој не приложил никакво објективно образложение за неговото непојавување во полиција и затоа е ставен на листата на барани.
По враќањето во Русија на 17 јануари, Навални беше уапсен на аеродромот, што предизвика масовни протести низ цела Русија. Според активистите за човекови права, на протестите на 31 јануари биле приведени над 5.000 луѓе.