Elena Teslova
23 Декември 2019•Ажурирај: 25 Декември 2019
МОСКВА (АА) - Русија ќе одговори на санкциите на Соединетите Американски Држави (САД) за проектите „Турски тек“ и „Северен тек 2“, изјави денес рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи во Горниот дом на рускиот Парламент во Москва, Советот на федерацијата, Лавров рече дека за подготвувањето соодветен одговор потребни се и време и анализа.
„Ве уверувам дека ваквите апсолутно неприфатливи, груби чекори на кршење на сите норми на меѓународното право, на целата дипломатска и човечка пристојност, нема да останат без одговор“, рече Лавров, одговарајќи на прашањата на пратениците.
Буџетот за одбрана, усвоен од американскиот Конгрес минатата недела, вклучуваше санкции за компаниите вклучени во проектот „Северен тек 2“, како и во проектот „Турски тек“, со образложение дека проектите ќе ја направат Европа зависна за енергија од Русија.
Проектот „Северен тек“, оперативен од 2011 година со годишен капацитет од 55 милијарди кубни метри - носи руски гас директно во Германија преку Балтичкото Море.
Проектот „Северен тек 2“, предводен од руската државна енергетска компанија „Гаспром“, е скоро завршен и го има истиот годишен капацитет, кој функционира речиси паралелно со првата гасоводна рута.
Двата проекта ќе ја задоволат годишната побарувачка на гас на четвртина од европскиот континент.
Гасоводот „Турски тек“ има вкупен капацитет од 31,5 милијарди кубни метри, од кои првата линија ќе пренесува капацитет од 15,75 милијарди кубни метри руски гас за турските потрошувачи, додека втората линија ќе носи уште 15,75 милијарди кубни метри гас до Европа преку Турција.