Ekipa
28 Мај 2019•Ажурирај: 29 Мај 2019
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги повика сите странски сили целосно да се повлечат од Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров говореше на состанокот организиран по повод одбележувањето на 100 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Русија и Авганистан.
Тој додаде дека Русија му помага на Авганистан во многу области, меѓу кои се индустријата, енергетиката, образованието и здравството. Нагласи дека благодарение на соработката, потпишани се голем број договори на полето на економијата и општествениот сектор.
Лавров се осврна и на соработката на Авганистан и Русија, и кога станува збор за борбата против криумчарењето наркотици и терористичката организација ДЕАШ.
„Русија е сигурна дека за судирите во Авганистан не постои воено решение. Мирот може да се воспостави само преку дипломатски пат“, рече Лавров.
Со цел решавање на проблемите во Авганистан, Лавров ги повика сите страни на преговори.
„Ги повикуваме сите странски сили целосно да се повлечат од земјата. Ги повикуваме и страните во Авганистан преку учеството на политичките сили што поскоро да започнат со преговори“, рече Лавров.
Тој укажа и на напорите за зачувување на единствен Авганистан во кој припадниците на многу етнички групи живеат во хармонија и мир.
Лавров додаде дека ќе стори сѐ што е потребно за поскоро воспоставување на мир во Авганистан.