Elena Teslova
19 Април 2022•Ажурирај: 20 Април 2022
МОСКВА (АА) - Русија денес протера 15 холандски дипломати и неодреден број белгиски дипломати и ги прогласи за персона нон грата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи соопшти дека 14 вработени во холандската Амбасада во Москва и еден вработен во холандскиот Конзулат во Санкт Петербург мора да ја напуштат Русија во рок од два дена.
„Овој чекор е преземен како одговор на протерувањето на 29 март на 18 вработени во руската Амбасада во Хаг, руската трговска мисија во Амстердам и руската мисија во Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW)“, соопшти Министерството.
Министерството, исто така, соопшти дека Холандија не може да ги злоупотребува своите права и привилегии како земја домаќин на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) и дека Хаг мора строго да го почитува Договорот за седиштето на оваа организација од 1997 година.
Во одвоено соопштение, Министерството соопшти дека го повикало белгискиот амбасадор Марк Микилсен и го информирало за протерувањето на белгиските дипломати од Москва, кои мора да заминат до крајот на 3 мај.
И Холандија и Белгија протераа дипломати врз основа на наводно шпионирање, бидејќи односите меѓу Русија и Европската Унија дополнително се влошија поради руската војна против Украина, што започна на 24 февруари.
Војната доведе до илјадници смртни случаи, милиони раселени луѓе и широк опсег санкции кон Русија, особено од ЕУ и САД.