Elena Teslova
02 Февруари 2023•Ажурирај: 03 Февруари 2023
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Русија се сомнева во одбивањето на германскиот канцелар Олаф Шолц, Германија да испрати борбени авиони во Украина, велејќи дека таа е позната по своите променливи позиции во однос на војната што започна минатиот февруари, пренесува „Анадолу“.
„Сѐ започна со некои шлемови за украинските војници, потоа се појави мало количество оружје, сега зборуваат за авиони... [Германскиот канцелар Олаф] Шолц се колне дека тоа никогаш нема да се случи, но Шолц, исто така, е познат по способноста да го смени својот став многу брзо“, рече Лавров во интервју за рускиот телевизиски канал „Россија 24“.
Тој потсети дека германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, отворено изјави дека Берлин „води војна против Русија“.
Рускиот министер рече дека колку повеќе оружје со долг дострел се дава на Украина, толку повеќе Русија ќе мора да го отстрани тоа оружје од нејзина територија.
Првично без желба да испорача тешко оружје на Украина, но потоа потклекнувајќи на меѓународниот притисок, Берлин сега е еден од главните донатори на воена помош за Киев.
Кон крајот на минатиот месец одлучи да ги испорача своите борбени тенкови „Леопард 2“ на земјата зафатена со војна, а украинскиот претседател Владимир Зеленски побара од Западот борбени авиони, барање што Шолц го одби.