Elena Teslova
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
МОСКВА (АА) - Кремљ денес соопшти дека затворањето на воздушниот простор на трите европски земји, што го спречи министерот за надворешни работи Сергеј Лавров да отпатува во Србија, претставува „непријателско дејствие“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавров, кој денес требаше да пристигне во српскиот главен град Белград во дводневна посета, во која беа вклучени разговори со претседателот Александар Вучиќ, беше принуден да го прекине патувањето откако Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија го затворија својот воздушен простор за неговиот авион.
„Ваквите 'непријателски дејствија' би можеле да доведат до промена на распоредот на дипломатските состаноци на високо ниво“, изјави портпаролот Дмитриј Песков на брифингот со новинарите во Москва.
Тој додаде дека мерките донесуваат „одредена непријатност“ во дипломатската работа, но дека нема значително да ги попречат контактите на Русија со пријателските земји.
Претходно, Лавров на брифингот со новинарите во Москва изјави дека никој нема да може да ги уништи односите на Русија со Србија и дека го поканил својот српски колега наскоро да ја посети Москва.
Посетата на Лавров на Србија ќе беше прва на висок руски функционер од почетокот на војната во Украина на 24 февруари, а беше планирана во позадина на тековните напори на ЕУ да ја казни Москва со санкции и други мерки.
Србија, која е речиси целосно зависна од рускиот гас и нафта, се соочува со зголемен притисок за нејзината неутралност во врска со војната во Украина и одбивање да ја санкционира Москва.
Вучиќ оди по јаже последниве месеци, од една страна велејќи дека санкциите за Русија ќе го чинат скапо Белград, а исто така се обидува да ја увери ЕУ дека „Србија е на европскиот пат“ и дека тоа е „единствената политика на земјата“.