Burç Eruygur
04 Април 2023•Ажурирај: 05 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија ѝ го предаде на Белорусија ракетниот систем „Искандер-M“, за кој тврди дека може да се користи за лансирање на конвенционални и нуклеарни проектили, пренесува Анадолу.
„Оперативно-тактичкиот ракетен систем „Искандер-M“ им е предаден на Вооружените сили на Белорусија. Способен е да лансира конвенционални и нуклеарни ракети“, изјави рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу.
Шојгу додаде дека обуката на белорускиот персонал за користење на „Искандер“ започнала вчера на еден полигон на руската војска.
Министерот за одбрана на Русија исто така рече и дека некои од белоруските воени авиони се стекнале со способност да напаѓаат противнички цели со нуклеарни проектили.
Шојгу рече дека НАТО ја зголемува својата борбена готовност и ги интензивира активностите во близина на границата со Русија и Белорусија.
Тој истакна дека членството на Финска во НАТО има потенцијал да ја ескалира војната меѓу Русија и Украина.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, минатата сабота најави дека Русија ќе ја заврши изградбата на специјализиран склад за тактичко нуклеарно оружје во соседна Белорусија, што предизвика жестоки критики од меѓународната јавност.
Белоруското МНР минатиот вторник соопшти дека не крши ниту еден меѓународен договор за неширење на нуклеарно оружје, со образложение дека таквиот чекор е изнуден поради повеќегодишниот притисок од страна на Западот.