Dmitri Chirciu
15 Декември 2021•Ажурирај: 16 Декември 2021
МОСКВА (АА) - Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска разговараше со кинескиот колега Си Ѓинпинг и истакна дека руско-кинеските односи се пример на добра меѓународна соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рускиот и кинескиот лидер повеќе од еден час разговараа по пат на видеоповик, а нивните канцеларии ја објавија снимката од почетокот на разговорот.
Путин изјави дека руско-кинеските односи се пример на меѓудржавна соработка за 21 век.
Тој рече дека Москва и Пекинг ги продолжиле постојаните контакти и во текот на пандемијата со Ковид-19.
„Воспоставен е нов модел на соработка помеѓу нашите земји кој се темели на принципите како што се немешање во внатрешните работи и заемно почитување и одлучност заедничката граница да се преобрази во зона на вечен мир и добрососедство“, рече Путин.
Истакнувајќи дека Русија и Кина дополнително ја унапредиле и трговската соработка, Путин рече дека оваа година билатералната трговска размена е зголемена за 31 процент и достигнала износ од 123 милијарди долари. Тоа е рекордна размена во текот на 11 месеци, а Русија и Кина најавуваат дека до крајот на годината тој износ ќе надмине 200 милијарди долари.
Наведувајќи дека продолжуваат со реализација на заеднички проекти во подрачјето на нуклеарната енергија, индустријата и високата технологија, Путин рече дека блиската координација на акциите помеѓу Русија и Кина на меѓународната арена и одговорниот заеднички пристап кон решавањето на актуелните проблеми во светот, станаа важен елемент на стабилноста во меѓународните односи.
„Активно работиме заедно во Советот на безбедноста на Обединетите нации, Шангајската организација за соработка и платформата БРИКС. Придонесуваме за формирање на праведен светски поредок втемелен на меѓународното право“, додаде Путин.
Заблагодарувајќи му се на кинескиот колега Си за поканата на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри кои ќе се одржат во февруари наредната година во Пекинг, Путин рече дека со Си ќе се состане пред почетокот на таа церемонија.
„Секогаш се поддржуваме меѓусебно за прашањата за соработка во областа на меѓународниот спорт, вклучително и за отфрлањето на обидите за политизирање на спортот и олимписката кампања. Не се сомневам дека Зимските олимписки игри ќе се одржат на највисоко ниво. Кина знае како тоа да го направи“, рече Путин.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг изјави дека светот влегол во период на големи промени и додаде дека кинеско-руските односи ја покажаа својата сила да опстанат низ сите видови на потешкотии.
„Кина и Русија одлучно се поддржуваат една со друга во прашањата од витална важност за нивното национално достоинство и интереси. Ние сме на чело на кинеско-руските односи и за клучните теми одржуваме блиски контакти на различни начини“, рече Си.