Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
11 Јануари 2021•Ажурирај: 12 Јануари 2021
ИДЛИБ (АА) - Руските специјални единици се обидоа да се инфилтрираат на југот од сириски Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите на дописникот на АА, добиени од извори на Сириската национална војска (СНВ), руските специјални единици во текот на ноќта извеле операција за инфилтрирање на линијата Енкави, јужно од Идлиб.
Со нападот беше прекршен договорот за прекин на огнот меѓу Турција и Русија, а исто така имаше загинати меѓу војниците на СНВ.
Како одговор на обидот за инфилтрација, единиците на СНВ извршија артилериски и ракетни напади врз позициите на режимот во селото Маарат Мукхас на југот од Идлиб.
Во ваквите операции, руските сили во првата фаза напаѓаат со беспилотни вооружени летала, а потоа во следната фаза користат снајперисти.
Обидите за инфилтрација имаат за цел да им нанесат жртви на опозиционите и антирежимските вооружени групи. Но, и руските сили одвреме-навреме имаат загуби во тие напади и се повлекуваат назад.
Стотици илјади луѓе се убиени и раселени во Сирија од 2011 година, кога започна граѓанската војна.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за зона на деескалација, токму како и регионите Хомс, Источна Гута и Дера Кунејтра. Силите лојални на режимот на Асад го искористија воспоставеното примирје и со поддршка на Руските воздушни сили ги зазедоа сите три региони, додека Идлиб остана под контрола на опозицијата.
Во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат додатен договор за прекин на судирите и за воспоставување демилитализирана зона во Идлиб. Во согласност со договорот, опозициските сили наредниот месец го повлекоа тешкото вооружување од Идлиб.
Русија и режимските сили во мај 2019 година започнаа операции за време на кои зазедоа многу населби во деескалационата зона на судири во Идлиб.
Турција и Русија на 5 март оваа година постигнаа нов договор во Москва.
Режимските сили повремено го кршат примирјето, што во значајна мерка се почитува. Во период од 2017 до 2020 година околу два милиони цивили беа принудени да мигрираат кон подрачјата во близина на турската граница.