İbrahim Hamdi Hacıcaferoğlu
06 Септември 2024•Ажурирај: 10 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Дигиталната асистентка на „Амазон“, Алекса, на прашањето кои се причините за да се гласа за Камала Харис на претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД) оваа есен, станала екстра „зборлива“, но кога била прашана за поранешниот претседател Трамп, таа се мачела со изнаоѓањето зборови, јавува Анадолу.
Кампањата на Трамп остро реагираше кога на прашањата „Зошто да гласам за Камала Харис/Доналд Трамп?“ беа дадени сосема различни одговори, објави „Вашингтон пост“.
По неодамнешното ажурирање на софтверот, кога беше прашана за гласањето за потпретседателката Харис, кандидатката на Демократската партија, Алекса, наводно, ја нарекла „силен кандидат со докажано досие на достигнувања“, пофалувајќи го начинот на кој ги „скршила главните родови бариери“ заедно со „помагањето на обесправените заедници“.
Кога е поставено истото прашање за Трамп, Алекса одговора: „Не можам да обезбедам содржина што поддржува одредена политичка партија или кандидат“.
Кристи Шмит, портпаролката на „Амазон“, во изјава испратена по и-мејл рече дека разликите во одговорите на Алекса се „резултат на грешка“ и дека тоа оттогаш е коригирано.
Но, портпаролот на кампањата на Трамп, Стивен Чеунг, возврати: „Ако никој не укажеше на оваа 'грешка' на социјалните мрежи, дали Амазон ќе ја забележеше? Не.”
Кандидатот Трамп долго време тврди дека мејнстрим медиумите и американскиот естаблишмент го третираат неправедно, често жалејќи се дека ниту еден поранешен или сегашен претседател на САД никогаш не бил третиран толку лошо како тој.
Денот на изборите во САД е на 5 ноември. Многу анкети сега ја поддржуваат Харис, иако повеќето набљудувачи очекуваат трката да биде тесна, а пристрасниот дигитален асистент можеби би можело да поколеба некои гласачи.