Rabia İclal Turan
17 Декември 2024•Ажурирај: 18 Декември 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) денес го потврдија своето признавање на „легитимното право“ на Туркије „да тргне“ по ПКК, но избегнаа прашање за сирискиот огранок на оваа терористичка организација, ЈПГ, со кој САД се партнери во Сирија во борбата против ДЕАШ јавува Анадолу.
„Го разбираме легитимното право на Туркије да тргне по одредена терористичка организација“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, додавајќи дека Вашингтон продолжува да ја смета ПКК за терористичка организација.
Кога новинарот на Анадолу го праша за ЈПГ, сириски огранок на ПКК, која и Туркије и САД ја означија како терористичка организација, Милер го избегна прашањето, велејќи: „Би зборувал во однос на ПКК.“
„Ја означивме ПКК (за терористичка организација, заб.ав.) и го почитуваме нејзиното право (Туркије, заб.ав.) да 'тргне' по таа организација“, додаде тој.
Истакнувајќи дека Сирија моментно е во „кревка“ состојба, Милер додаде: „Не сакаме да видиме која било страна да презема акција за остварување на сопствените еднострани интереси над пошироките интереси на сирискиот народ.“
Милер, исто така, го одбрани и партнерството на САД со Сириските демократски сили (СДФ), кои се предводени од ЈПГ, наведувајќи дека СДФ играат важна улога во спротивставувањето на ДЕАШ.
„Во интерес на Туркије, во интерес на сирискиот народ и на сите земји во регионот е ДЕАШ повторно да не ја крене главата, да не бидат ослободени борците на ДЕАШ што СДФ ги држи во притвор“, рече тој.
Милер го истакна тековниот ангажман со турските власти, велејќи дека „тоа е исклучително тешко прашање, но тие продолжуваат да се ангажираат со турските колеги“.
На прашањето зошто САД не размислуваат за соработка со својот сојузник во НАТО, Туркије, наместо со ЈПГ, за борба против ДЕАШ, тој рече: „За тоа разговаравме со нашиот сојузник во НАТО и се обидуваме да дојдеме до најдобриот пат понатаму.“
„Она што се обидуваме да го избегнеме е Сирија повторно да се најде во секташки борби откако го надмина режимот на Асад, кој водеше брутална, долгогодишна граѓанска војна и не сакаме да видиме какви било активности што дополнително ќе ја дестабилизираат ситуацијата“, додаде тој.
Повторно запрашан од Анадолу дали во таквите акции се вклучуваат и оние на Израел, како што е проширувањето на изградбата на населби на окупираната сириска Голанска Висорамнина и израелското бомбардирање на различни делови на Сирија, тој рече дека ова ја вклучува „секоја страна во регионот“, но конкретно не го спомена Израел.
Потоа тој ја бранеше израелската окупација на демилитаризираната тампон зона на сириската Голанска Висорамнина, велејќи дека Израел ја презел акцијата затоа што видел како сириската армија се повлекува од тампон зоната и дека создал вакуум што може да го пополнат групи што Израел и САД ги сметаат за терористички организации.