Ekipa
26 Јануари 2022•Ажурирај: 27 Јануари 2022
ХЈУСТОН (АА) - Крајбрежната стража на Соединетите Американски Држави (САД) е во потрага по преживеани, откако брод се преврте кај источниот брег на Флорида, јавува Агенција Анадолија (АА).
Триесет и девет лица се сметаат за исчезнати.
Претставници на крајбрежната стража рекоа дека „добар Самарјанин“ спасил еден од преживеаните во вторникот наутро, околу 75 километри источно од Форт Пирс Инлет, што е 217 километри северно од Мајами. Преживеаниот се држел за превртениот брод кога бил пронајден.
„Преживеаниот пријави дека ги напуштил островите Бимини, дел од Бахамите, со 39 други луѓе во саботата навечер, кога бродот наишол на лоши временски услови, поради што се превртел. Според преживеаниот, никој не носел појас за спасување“, соопшти крајбрежната стража.
Бимини се синџир острови на 80 километри источно од Мајами во Атлантскиот Океан.
Тимовите за спасување ја пребаруваат од воздух и море огромната област, барајќи преживеани, кои се исчезнати веќе три дена.
Крајбрежната стража се сомнева дека овој инцидент има поврзаност со шверц на луѓе.