Michael Hernandez
20 Септември 2016•Ажурирај: 20 Септември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Откако сириската војска во понеделникот објави прекин на огнот во Сирија, кој траеше една недела, од страна на Вашингтон беше истакнато дека не е сигурно дали примирјето повторно ќе биде воспоставено, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Не знаеме дали ќе се спаси примирјето во Сирија“, изјави неименуван претставник на американската администрација.
„По објавувањето прекин на огнот, се случи смртоносен напад врз хуманитарен конвој во близина на Алепо, во кој загинаа најмалку 12 хуманитарни работници, а 18 беа повредени“, известија активистите за човекови права.
Американски официјални лица истакнаа дека постојат показатели оти станува збор за воздушни напади и дека коалицијата предводена од САД не е одговорна за нив.
„Тоа ни остава две можности. Русија е одговорна за својот дел од равенката. Она што се случи денес им нанесе тежок удар на нашите напори за воспоставување мир во Сирија и на Русите останува да покажат сериозност, не само низ зборови, туку и низ дела што покажуваат дека овој процес и понатаму е одржлив“, рече американскиот претставник.
Сириската армија вчера објави крај на примирјето што траеше една недела. Во соопштението се вели дека примирјето требало да биде можност за запирање на пролевањето крв, напоменувајќи дека вооружените групи не се придржувале до точките од постигнатиот договор за прекин на огнот. Во соопштението исто така се наведува дека силите на опозицијата, во текот на тој период, 300 пати го прекршиле примирјето на што, како што се додава, сирискиот режим морал да возврати.
Од друга страна, сириската опозиција тврди дека војската лојалнa на сирискиот режим од почетокот на примирјето извела стотици напади чија цел, во најголем дел, биле цивили.
Се напоменува дека сирискиот режим од минатиот понеделник, 254 пати го прекршил прекинот на огнот, при што, како што се наведува, користеле воени авиони, хеликоптери, артилерија и барел-бомби.
Американскиот државен секретар Џон Кери вчера изјави дека режимот на Башар ал-Асад е одговорен за тоа што во целост не се спроведува прекинот на огнот во земјата.
Прекинот на огнот во Сирија стапи на сила на 12 септември, во 19:00 часот, во согласност со американско-рускиот договор.