Ahmet Dursun
05 Септември 2019•Ажурирај: 06 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот Стејт департмент нудел повеќе милиони долари на капетанот на иранскиот танкер да вплови во води во кои морнарицата на Соединетите Американски Држави (САД) би можела да го заплени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Фајненшал тајмс“ (Financial Times) наведува дека специјалниот пратеник на САД за Иран, Брајан Хук, директно праќал е-маил пораки на капетанот на иранскиот брод, Акилеш Кумар, кој е државјанин на Индија.
Капетанот Кумар управуваше со иранскиот танкер кој на почетокот на јули го заплени британската морнарица на Гибралтар, а кој на средината на август е ослободен со пресудата на судот на Гибралтар.
Првата порака Хук на Кумар му ја испратил на 26 август и во текст под наслов „Имам добри вести за вас“ му понудил неколку милиони долари ако тргне со брод во води во кои американските сили можат да го запленат.
Капетанот не одговорил на пораката, па Хук испратил и втора порака во која се наоѓале заканувачки содржини.
„Со парите кои ви ги нудиме можете да имате убав живот и да бидете мирни во староста. Ако не го прифатите тоа, животот ќе ви стане многу потежок“, навел Хук во пораката до капетанот Кумар.
Капетанот на иранскиот танкер не одговорал на пораките.
Од Стејт департментот ја потврдија иформацијата дека на капетанот на иранскиот брод му се нудени пари.
Британската морнарица на 4 јули на Гибралтар го заплени иранскиот танкер „Grace1“, кој пловеше под знамето на Панама. Запленет е под обвинението дека превезувал нафта во Сирија и дека така ги кршел меѓународните санкции.
И покрај поплаките на САД и барањата за испорачување, судот на Гибралтар на 15 август го ослободи иранскиот танкер и неговата посада. Танкерот брзо го напушти Гибралтар, но со истакнато знаме на Иран и под името „Adrian Darya-1“.
Танкерот плови со 2,1 милион барели сурова нафта и досега не успеа да најде сигурно пристаниште за да вплови, а пред два дена посадата во близина на Сирија го исклучи системот за автоматско следење и претставување. Иран не откри каде плови танкерот, ниту кој е купувачот на нафтата.