Diyar Güldoğan
23 Февруари 2026•Ажурирај: 24 Февруари 2026
ВАШИНГТОН (АА) - САД ѝ обезбедиле разузнавачка поддршка на мексиканската Влада во големата операција во која е убиен лидерот на картелот Нова генерација Халиско (CJNG), потврди во неделата Белата куќа, јавува Анадолу.
„САД ѝ обезбедија разузнавачка поддршка на мексиканската Влада за да помогнат во операцијата во Тапалпа, Халиско, Мексико, во која беше елиминиран Немесио Ел Менчо Осегера Сервантес, озлогласен наркошеф и лидер на картелот Нова генерација Халиско, објави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, на американската платформа за социјални мрежи X.
Според неа, Ел Менчо бил „висока цел“ и за Мексико и за САД, како еден од главните шверцери на фентанил во САД.
Левит потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп минатата година го прогласил картелот Нова генерација Халиско за странска терористичка организација.
„Во оваа операција беа убиени уште тројца членови на картелот, тројца беа ранети, а двајца беа уапсени“, додаде Левит.
Таа ја пофали и мексиканската армија за соработката и успешното спроведување на операцијата.
Претходно заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, кој беше амбасадор во Мексико, ја поздрави операцијата, оценувајќи дека станува збор за „голем развој“ за Мексико, САД и за остатокот од Латинска Америка.
Убиството предизвика брза и значителна насилна реакција, при што беа пријавени блокади на патишта, запалени возила и вооружени судири во повеќе сојузни држави каде што дејствува картелот, вклучително и Тамаулипас, Мичоакан и Најарит.
Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум повика на смиреност по операцијата, која доведе до повеќе блокади и други инциденти.
„Постои апсолутна координација со владите на сите држави, мора да останеме информирани и смирени“, изјави Шеинбаум.