Mücahit Oktay
04 Јули 2022•Ажурирај: 07 Јули 2022
ЊУЈОРК (АА) – Полицијата во Соединетите Американски Држави (САД) објави шокантна снимка од убиството на 25-годишниот Афроамериканец кој беше застрелан од полицијата со повеќе од 60 куршуми, јавува Агенција Анадолија (АА).
Снимката ја објави полициската станица во Акрон, град во американската сојузна држава Охајо, а на неа се гледа како најмалку пет полицајци го бркаат Џејланд Вокер, кој го оставил своето возило и бега трчајќи.
Шефот на полицијата во Акрон, Стефан Мајлет, изјави дека не знае колку куршуми истрелале полицајците за време на потерата, а аутопсијата открила повеќе од 60 куршуми во телото на Вокер.
Мајлет рече дека снимката од убиството на Вокер е шокантна и тешка за гледање и додаде дека има докази дека Вокер употребил пиштол од своето возило за време на сообраќајната потера.
„Кога полицаецот ќе ја донесе најкритичната одлука во својот живот и ќе убие некого, тој мора да биде подготвен да одговара за секој куршум што ќе излезе од цевката на неговиот пиштол“, рече Мајлет.
Полицијата објави и слика од пиштолот во возилото на Вокер, како и од неговите лични работи, и тврди дека Афроамериканецот пукал кон полицајците додека бил во своето возило.
Вокер беше убиен на 27 јуни годинава во Акрон. Во полицискиот извештај се вели дека инцидентот се случил откако Вокер бил застанат поради сообраќаен прекршок. Се наведува и дека полицијата испукала повеќе од 90 куршуми.
Адвокатот на семејството на Вокер, Боби Дичело, изјави дека Вокер бил однесен во болница со врзани раце.
„Денот на независноста е време на славење, собирање со пријателите и семејството. За жал, силно чувствувам дека ова не е време за прослава предводена од градот“, рече градоначалникот на Акрон, Ден Хориган.
Убиството на младиот Афроамериканец предизвика бурни реакции во Акрон. Беа одржани протести, а полицајците вклучени во инцидентот беа испратени на принуден одмор и започната е истрага за случајот.