Michael Gabriel Hernandez
02 Јуни 2022•Ажурирај: 03 Јуни 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Четири лица се убиени во среднозападниот град Тулса, Оклахома, за време на пукање во локална болница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Полицијата соопшти дека примила повик за активен вооружен напаѓач во зградата „Натали“ во кампусот на болницата „Сент Френсис“ во 16:52 часот по локално време (2152 GMT), а полицајците пристигнале на местото на настанот приближно четири минути подоцна пред да стапат во контакт со напаѓачот.
„Полицајците кои пристигнаа слушнаа истрели во зградата и тоа ги упати на вториот кат“, изјави за новинарите заменик-началникот на полицијата, Ерик Далглиш. „Во моментов, имаме четворица мртви цивили и мртов напаѓач.“
На местото на настанот се пронајдени долга пушка и пиштол, а полицијата верува дека и двете оружја биле употребени за време на пукањето.
Полицијата смета дека напаѓачот починал од прострелна рана што самиот си ја нанел. Таа не го идентификува починатиот осомничен, но рече дека тој е Афроамериканец на возраст од околу 35-40 години и не го наведе мотивот за злосторството.
Американскиот претседател Џо Бајден е информиран за пукањето, а Белата куќа „внимателно ја следи ситуацијата и се обрати до државните и локалните власти за поддршка“, рече портпаролката Карин Жан-Пјер.
Пукањето се случи додека градот ја одбележуваше 101-годишнината од масакрот во Тулса, кој ја десеткуваше некогаш раздвижената афроамериканска населба.