Aida Cako
06 Ноември 2025•Ажурирај: 07 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) - Американските власти ги зајакнаа безбедносните мерки на границата со Мексико, откако бројот на мигранти кои се обидуваат да ја преминат границата продолжи да се зголемува, јавува Анадолу.
Во клучните погранични области распоредени се дополнителни сили, оклопни возила и напредни системи за надзор.
На терен беа забележани неколку оклопни возила од типот „Страјкер“, додека два хеликоптера и значителен број воени лица беа поставени покрај границата.
Движењето на животни и луѓе е следено од мобилна кула со радар и камери за ноќно гледање.
Според американската Служба за царина и гранична заштита (CBP), надзорот бил засилен откако властите забележале пораст на обидите за илегални премини за време на природни појави како „супермесечината“, која овозможува посилно природно осветлување ноќе.
На мексиканската страна, припадници на Секретаријатот за национална одбрана (Sedena) внимателно ја следат ситуацијата, додека, според информациите, висок претставник на американската гранична служба бил присутен во областа.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп го започна својот втор мандат, досега биле репатрирани 109.000 мексикански државјани, според најновите податоци објавени во септември.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум, пак, изјави дека бројот на мигранти кои се обидуваат да ја преминат северната граница опаднал за 91 %.
По заканите на Трамп за воведување царини на мексиканскиот извоз, Шајнбаум вети дека нејзината влада ќе помогне во намалување на миграциските текови кон САД. Како дел од тие напори, Мексико распореди воени сили покрај својата северна граница.