Kasım İleri
23 Април 2023•Ажурирај: 24 Април 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен објави дека ги запреле дипломатските операции во Амбасадата во Картум и го евакуирале дипломатскиот персонал поради ескалацијата на судирите во таа земја, известува Анадолу.
„Американскиот Стејт департмент привремено ја запре работата на нашата амбасада во Картум, Судан, и на безбедно ги евакуираше целиот американски персонал и членовите на нивните семејства, чија безбедност е наша одговорност. Запирањето на активностите во нашата амбасада е секогаш тешка одлука, но безбедноста на нашиот персонал е моја примарна одговорност“, пишува во пораката на Блинкен.
Тој додаде дека оваа одлука ја донел бидејќи судирите меѓу Суданските вооружени сили и Силите за брза поддршка (РСФ) создале сериозни и големи безбедносни ризици.
Повикувајќи ги страните во судирите во Судан веднаш да го продолжат прекинот на огнот што беше воведен по повод Рамазан бајрам, Блинкен истакна дека ги потсетиле двете страни на нивните обврски според меѓународното хуманитарно право и заштита на цивилите.
Во меѓувреме, Стејт департментот издаде ново предупредување за патување во Судан, повикувајќи ги американските државјани да не патуваат во оваа земја и дека Американците кои престојуваат таму, би требало да ја напуштат земјата.
Додека РСФ ја обвинува војската дека ги нападнала нивните сили јужно од Картум со лесно и тешко оружје, војската тврди дека паравоените сили „шират лаги“ и ги прогласи за „бунтовничка“ група.
Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја смени преодната влада на премиерот Абдала Хамдок и прогласи вонредна состојба, за она што политичките сили го нарекоа „пуч“.