Michael Gabriel Hernandez
12 Ноември 2021•Ажурирај: 12 Ноември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ги предупреди своите сојузници во Европа дека Русија можеби планира инвазија на соседната Украина при што собира сили на нејзината западна граница, се вели во објавениот извештај, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Американски официјални лица, вклучително и државниот секретар Ентони Блинкен и Пентагон, рекоа дека внимателно го следат военото засилување, но „Блумберг“ (Bloomberg) објави дека администрацијата на Бајден отишла чекор понатаму и официјално ги предупредила сојузниците од ЕУ за потенцијална руска воена офанзива.
Медиумот цитира анонимни луѓе запознаени со ова прашање, кои исто така рекоа дека информациите на кои се заснова проценката на САД допрва треба да бидат споделени со Европа, но според наводите се достапни за јавноста.
„Секој колективен одговор ќе треба да биде поттикнат од споделувањето на тоа сознание“, додаде „Блумберг“.
„Загрижени сме за извештаите за невообичаената воена активност на Русија во близина на Украина“, изјави Блинкен.
„Ние го следиме регионот многу внимателно. Како и секогаш, ќе продолжиме да се консултираме и со сојузниците и партнерите за ова прашање. И како што разјаснивме, какви било дејства на ескалација или агресија би предизвикале голема загриженост за САД“, додаде тој.
Претходно овој месец, украинското Министерство за одбрана соопшти дека Русија го продолжила своето воено засилување во близина на нејзината граница и стационирала 90.000 руски војници, според „Асошиејтед прес“ (Associated Press).
Пентагон побара Москва да биде транспарентна со меѓународната заедница во врска со своите акции и намери во регионот.
„Русија останува на ставот дека секое движење на војници на нејзина територија е внатрешно прашање“, објави „Блумберг“.
Акциите на Кремљ се слични на оние што започнаа во март, кога проценките велат дека бројот на руски војници во близина на границата со Украина и во рамките на полуостровот Крим е околу 100.000, заедно со значително зголемување на воениот хардвер.
Русија го зазеде и окупира Крим од Украина во 2014 година и останува де факто власт таму. Москва, исто така, таа година почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против централната Влада, политика што ја одржуваше во последните седум години.
Нејзиното пролетно засилување доведе до загриженост за неизбежна инвазија на Украина, но Москва, почнувајќи од април, ги повлече своите сили.