Büşra Nur Çakmak
27 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
АНКАРА (АА) - Илон Маск, основачот на производителот на автомобили „Тесла“ и компанијата за истражување на вселената „Спејс икс“, рече дека сателитскиот систем „Старлинк“, што овозможува пристап до интернет, сега е активен во Украина, известува Агенција Анадолија (АА).
Маск одговори на објавата на украинскиот министер за дигитална комуникција Михаил Федоров, кој на социјалната мрежа Твитер напиша: „Додека вие се обидувате да го колонизирате Марс - Русија се обидува да ја окупира Украина. Додека вашите ракети успешно слетуваат од вселената - руските ракети ги напаѓаат украинските цивили. Ве молиме на Украина да ѝ дадете станици на Старлинк.“
Маск одговори: „Старлинк-услугата сега е активна во Украина. Повеќе терминали се на пат.“
Старлинк обезбедува сателитски пристап кон интернет за поголемиот дел од светот.
Компанијата на Маск планира со сателитите на Старлинк да оформи мрежа од 12.000 сателити. Проектот би требало да биде завршен во 2027 година.