Mahmut Geldi
29 Јануари 2020•Ажурирај: 30 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Кралството на Саудиска Арабија соопшти дека ги цени напорите на администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, за развивање на сеопфатниот мировен план меѓу Палестина и Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи е потврдено дека Саудиска Арабија по деталното испитување на планот на американската администрација, ќе го поддржи секој чесен и сеопфатен напор во врска со палестинското прашање.
Во изјавата се наведува дека поддршката за палестинскиот проблем е дадена уште од времето на основачот на Саудиска Арабија, кралот Абдулазиз ал Сауд, и се потенцира дека Саудиска Арабија била во првите редови на Арапската мировна иницијатива во 2002 година, со која се потврдува дека праведен и инклузивен мир е стратешка опција.
„Кралството на Саудиска Арабија ги цени напорите на администрацијата на претседателот Трамп за развој на сеопфатен мировен план меѓу Палестина и Израел. Тој исто така го охрабрува започнувањето на директни преговори под покровителство на САД со кои би се отстраниле сите несогласувања околу планот. Сето тоа е за во овој мировен процес да дојде до договор кој би ги обезбедил легитимните права на братскиот палестински народ“, порачано е во соопштението.
Од друга страна, саудиската новинска агенција СПА објави дека кралот Селман бин Абдулазиз остварил телефонски разговор со палестинскиот лидер Махмуд Абас.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа го откри т.н. блискоисточен мировен план, а во таа пригода најави дека Ерусалим (Кудс), како дел од тој план, ќе биде прифатен како „неделив“ главен град на Израел.
Тој додаде дека е предвиден рок од четири години за Палестина да стане независна држава. Тој рече дека таканаречениот мировен план на Блискиот Исток е „последна шанса“ за независна палестинска држава и за Палестинците.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, објави дека според таканаречениот блискоисточен мировен план, палестинските бегалци немаат право на враќање, а нелегалните еврејски населби во Западниот Брег ќе добијат статус на израелска територија.