Betül Yürük
26 Септември 2017•Ажурирај: 26 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - По критиките поради затворените седници на коишто се дискутира за насилството со кое се соочени араканските муслимани во Мјанмар, Советот за безбедност на ОН најави дека на 28 септември, за тој проблем ќе се дискутира на отворена седница, јавува Anadolu Agency (AA).
Заседанието е организирано на барање на постојаниот амбасадор на Велика Британија, Метју Рајкрофт, а е поддржано од шест членки.
Членките на Советот за безбедност на отворената седница за кризата во Мјанмар ќе го информираат генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Советот за безбедност веќе во два наврата дискутираше за насилството над муслиманското малцинство во Мјанмар, а меѓународните хуманитарни и невладини организации остро го критикуваа фактот што дискусите се водат зад затворени врати.
Хјуман рајтс воч (ХРВ) беше најгласен во критиките и предупреди на таквите неефикасни потези на Советот за безбедност на некој начин да даде зелено светло за мјанмарската војска и будистичките милитанти да продолжат да ги убиваат и да ги протеруваат араканските муслимани Рохинџа.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите неколку дена сруши најмалку 200 муслимански села, од кои стотици илјади жители беа принудени да пребегаат кон соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизниот биланс на загинатите во нападите на муслиманските села. Шефот на дипломатијата на Бангладеш, Абул Хасан Махмуд, изјави дека најмалку 3.000 муслимани се убиени од 25 август до денес.
Од ОН е соопштено дека во изминатите неколку недели во Бангладеш пристигнале 436.000 аракански муслимани, а уште толку од претходно биле дојдени во таа земја.