Mehmet Burak Karacaoğlu,Eşref Musa,Ahmet Karaahmet
01 Јули 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ / АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Силите на режимот на Башар ал Асад од почетокот на војната во Сирија вршеа произволни и бесправни приведувања и тортури над цивилите, а за тоа сведочат и преживеаните заробеници кои биле жртви на најбруталните методи на тортура во кои се користела и зовриена вода, јавува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници Сиријци се жртви на тортурата во истражните притворски центри на Асадовиот режим, а повеќето од тие центри се наоѓаат на непознати локации.
Сириецот Мухлис ал Друби за своето седумгодишно притворско искуство во разговор за АА истакна дека е невозможно од потсвеста да го отргне сето насилство што го преживеал.
Под обвинение дека учествувал на антивладини протести, Ал Друби е уапсен во 2012 година во Хама и до 2019 година бил во затвор.
„Асадовите сили заедно со моите четворица браќа и други машки лица од селото, нѐ уапсија и нѐ одведоа на испитување во воена база во селото Деир Шимел на западот на Хама. Ме тепаа со пластични водоводни цевки и ме ставаа во гума од автомобил“, рече Ал Друби.
Присетувајќи се на трауматичните доживувања, Ал Друби рече дека денес му е тешко да зборува за тоа.
„Се вршеа различни методи на тортура врз нас. Нѐ врзуваа за зглобови и нѐ бесеа за таванот, така што бевме 10 сантиметри над подот. Гасеа цигари на нашите тела и фрлаа зовриена вода врз нас“, рече Ал Друби.
По тортурата во таа воена база, Ал Друби со останатите притвореници е однесен на воениот аеродром во Хама.
„Таму нѐ причекаа и веднаш по доаѓањето кај портата почнаа да нѐ тепаат. Со сила ни ја искинаа облеката и нѐ наредија така што со лице бевме свртени кон ѕид. Тогаш следуваа испитувања со различни тортури и злоставување“, рече Ал Друби.
Тој понатаму рече дека тортурата над нив најчесто ја вршел извесен Сомер ал Вахит, за кого рече дека не знае од каде е, но дека сите притвореници го паметат по бруталното злоставување.
„Константно нѐ пцуеше. Мене ме праша од каде сум. Одговорив дека сум од Хама, а тој ја пцуеше мојата мајка. Потоа рече да клекнам на колена, кога одбив, тој ме удираше со ланец од моторна пила, а кожата ми пукаше при секој удар. Мислам дека не е човек оној кој на друг човек може да му направи таква тортура“, рече Ал Друби.
Според податоците од извори од сириската опозиција, моментално во затворите и истражните центри на Асадовиот режим во Сирија се наоѓаат најмалку половина милион притвореници.
Сириската мрежа за човекови права (СНХР) во нејзиниот извештај наведе дека од последиците од тортурата починале најмалку 14.235 лица кои биле заробени од силите на режимот на Башар ал Асад. Меѓу страдалниците имало најмалку 173 деца и 46 жени.