Hasan Esen
07 Јуни 2016•Ажурирај: 08 Јуни 2016
БРИСЕЛ (АА) - Светските челници се огласија осудувајќи го терористичкиот напад којшто се случи утринава во Истанбул и ја изразија својата поддршка и солидарност со Турција и турскиот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го осуди утринскиот терористички напад во Истанбул и порача дека Алијансата силно ја поддржува Турција наспроти тероризмот како глобална закана за безбедноста.
„Моето срце е со семејствата на настраданите и целиот турски народ, кој е повторно погоден од терористички напад. Тероризмот сака да ја порази демократијата, слободата, човековите права и сите вредности кои го карактеризираат НАТО. Никогаш и со ништо не можат да се оправдаат ваквите напади. НАТО се солидализира со Турција”, порача Столтенберг во својата пишана реакција.
Порака за осуда на нападот, сочуство и поддршка за Турција упати и генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд.
„Новиот смртоносен напад во Истанбул резултираше со смрт и ранување на голем број невини луѓе. Потресени сме поради веста, овој и сите вакви напади се напад на сите нас и нашите вредности. Чувствувам болка за семејствата на настраданите и им упатувам сочуство”, порача Јагланд.
И претседавачот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, го осуди утринскиот напад во кој загинаа 11, а беа повредени 36 лица.
„Најостро го осудувам терористичкиот напад и упатувам сочуство до семејствата на настраданите”, напиша Шулц на социјалните мрежи.
Високата претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, упати порака за поддршка на Турција.
Во пишаната изјава на портпаролот на Федерика Могерини, се наведува дека во Турција уште еднаш е извршен терористички напад, во кој загинаа и повредени се повеќе лица. По тој повод, упатено е сочуство до семејствата на загинатите во терористичкиот напад, а на повредените желба за побрзо закрепнување.
„Како ЕУ сакаме повторно да ја искажеме нашата поддршка на Турција, владата и народот, и да ја потврдиме нашата заедничка посветеност за борба против глобалните опасности на тероризмот”, се наведува во соопштението.
Утринава, во 08:40 часот по локално време, дојде до напад со автомобил-бомба на полициско возило во Везнеџилер, во самиот центар на Истанбул. Во нападот загинаа седум полицајци, четири цивили, а ранети беа 36 лица.